1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Берлин е магнет за Ромите од Ф'нтанеле

Населбата Нојкелн во Берлин е цел на многу Роми кои се во потрага по подобар живот. Тие масовно се иселуваат од романското село Ф'нтанеле и се надеваат на подобра иднина во „ветената земја“ Германија.

Ф'нтанеле - северно од Букурешт. Во ова село со генерации живеат Роми. Стотици семејства, никој не знае колку точно. Но, веќе извесен период Ф'нтанеле изумира. Се' повеќе луѓе го напуштаат селото и се селат во Германија.

Во црквата во Ф'нтанеле, пасторот Думитру проповеда за преселба во ветената земја: Берлин - Нојкелн се вика новиот рај за Ромите.

„Се молиме за Ангела Меркел и за градоначаникот на Берлин. Мил Господе, те молам заштити ги овие луѓе“.

Пасторот ќе остане додека и последниот не го напушти селото. Досега, вели тој, живее од доброволни прилози и од тоа што ќе роди градината. Работа за него нема, како и за речиси сите други тука. Романија, се лути тој, не прави ништо за Ромите.

„Водата постојано ја запираат. Имаме само по два часа вода. Такво нешто не се случува во Германија. Кога би бил богат, на сите од мојата црковна општина би им платил патување во Германија“, вели Думиру.

Das rumänische Dorf Fantanele

Романското село Ф'нтанеле

Ни Александру Мириуца нема добри зборови за владата. Порано тој заработувал пари свирејќи со хармоника на свадби и јубилеи. Од тоа го прехранувал 11-членото семејство. Но откога почна економската криза, никој веќе не плаќа за музиканти.

Оттогаш тој се обидува со трговија со автомобили, но за половни возила сега властите воведоа драстични даноци, така што неговиот бизнис е пред згаснување. „Само за регистрација сега бараат 2000 евра, а автомобилот не вреди ни 1000 евра“, вели Мириуца.

Пред куќата на пасторот тие се среќаваат речиси секој ден и зборуваат за селидба во Германија. Таму, каде што има државна поддршка, социјална заштита и детски додаток, кој е 20 пати повисок отколку во Романија.

„Германското стопанство е силно и Германците умеат добро да раководат со своите пари. Господ ги благослови, тој толку многу ги сака, што парите можат да ги споделат со сиромашните и можат да прифатат кај себе други од странство“.

Во Берлин се живее поубаво!

1300 километри северозападно се наоѓа Берлин Нојкелн. Илјадници Роми досега се доселија во тој кварт. Цел на семејствата од Ф'нтанеле е една зграда на „Харцер штрасе“. Овде живеат околу 500 луѓе и постојано доаѓаат нови.

Porträt Roma in Sancraieni Rumänien

Сиромаштијата ги тера Ромите да бараат подобар живот

Едно католичко друштво за доселување ги купи и ги опреми куќите. Ромите овде се чувствуваат како дома. Со тукашните жители тие сепак најчесто не воспоставуваат контакт.

Од 2011 година со куќата управуваат Ана Марија Бергер и Торстен Шнел. Таа е психолог по професија, по потекло е од Романија и е прва адреса за новите жители - дури и за работа. За реновирање објекти таа вработува Роми со дозвола за вршење одредена дејност. Тоа овде го имаат речиси сите.

„Мој занает се повеќе работи: хаус-мајстор сервис, чистење, монтажа на готови преградни ѕидови, лепење плочки“.

И ако тоа не е доволно, ќе биде надополнето со социјални услуги. Управителот Торстен Шнел подвлекува: „Овде има некои, кои од Агенцијата за вработување добиваат некакви додатоци за станарините и слично, бидејќи не заработуваат доволно“.

Социјалната интеграција на Ромите ќе го чини Берлин уште многу пари. Зошто, појаснува управителката Ана Марија Бергер: „Тие речиси не зборуваат германски, законите секако не ги знаат. Тоа значи пари, повеќе пари и затоа е толку тешко овде во Берлин“.

Давид Ставараке успеа. За разлика од повеќето овде, тој изучи занает и некако може да живее од својата работа. Децата одат на училиште. Деветчленото семејство е гордо на малиот стан, вклучително кауч-гарнитура и цветни тапети.

„Неверојатно е тешко да се успее овде во Германија. Долго време живеевме од денес за утре. Меѓутоа колку и да е тежок животот овде, се обидуваме да создадеме нешто за иднината на нашите деца. Таа овде им е многу подобра отколку во Романија“, смета Ставараке.

Квечерина во Ф'нтанеле. Пасторот Думитру повторно ја собира во Божјиот дом својата паства за веќе добро позната молитва.

„Господ да го милува со свои раце германскиот народ, Господ да го благослови германскиот народ“.

Егзодусот на Ромите од Ф'нтанеле и натаму продолжува.