1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлин ги повикува Сирија и Турција на разумност

Германија во НАТО и во Советот за безбедност на ОН ќе се заложи за разумна реакција по меѓусебните напади во сириско-турскиот граничен регион. Берлин повикува на деескалација.

„Ние сме на страната на нашиот НАТО-партнер, Турција, тоа е недвојбено. Но, ние повикуваме на разумност, на умерен приод во оваа многу заострена ситуација. Сакаме нашата реакција да се базира врз солидарноста и разумноста“, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Берлин. Кратко потоа и германската канцеларка Ангела Меркел ги употреби истите зборови кога за конфликтот зборуваше со јеменскиот претседател Абед Рабо Мансур Хади. Меркел истакна дека „германската влада најостро го осудува сирискиот напад врз Турција“. Истовремено таа повика сите страни да бидат „разумни“, иако Германија стои на страната на Турција, до која апелираше да не дозволи нова ескалација на ситуацијата.

Турција по гранатирањето од страна на соседот Сирија, при што беа убиени пет луѓе, започна одмаздниччки напади. Досега се убиени повеќе сириски војници.

Апел до Русија и Кина

Вестервеле ги повика Русија и Кина во Советот за безбедност на ОН да не ја блокираат и натаму меѓународната заедница во однос на сирискиот конфликт.

Сите членки на Советот мора да се грижат за намалување на безбедносниот ризик за регионот, кој произлегува од сирискиот внатрешен конфликт. Мора да се работи на политичко решение, бара Вестервеле. Вето-силите Русија и Кина досега во Советот за безбедност на ОН спречуваа донесување санкци против Сирија. Режимот во Дамаск од пред годинаипол се обидува со воена сила да го задуши востанието на народот против сирискиот претседател Башар ал-Асад. Конфликтот веќе прерасна во граѓанска војна.

Не се работи за НАТО-случај

Уште вчера на итна сендица Советот на НАТО во Брисел јасно се стави на страната на партнерот Турција и остро го осуди гранатирањето од сириска територија. Ситуацијата ќе биде највнимателно следена, се вели од Брисел. Алијансата не се повикува на членот пет од НАТО-спогодбата, кој членките на воениот сојуз ги обврзува на меѓусебна воена поддршка, но според член четири, договорени се натамошни консултации. Вакви советувања може да иницира член на Алијансата, ако постои закана за неговата безбедност.

И САД остро ги осудија гранатирањата од Сирија. Министерката за надворешни работи Хилари Клинтон во Вашингтон изјави дека се работи за „многу опасна ситуација“. Сириската влада на својот сопствен народ му предизвикува непримерни страдања за да се задржи себе си на власт. Одговорните нации треба да извршат заеднички притисок врз Аасад за да издејствуваат прекин на огнот и политички промени, побара Клинтон.