Берлин виден преку очите на еден бездомник | Панорама | DW | 23.10.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Берлин виден преку очите на еден бездомник

Туристичкото разгледување на Берлин подразбира посета на Бранденбуршката порта и островот на музеите. Но со малку поинаква тура низ градот, туристите добиваат една сосема друга перспектива.

Сообраќајна бучава, татнење на подземната железница - на берлинскиот Нолендорфплац се случуваат многу работи. Тоа е важна сообраќајна точка и историско место. Во текот на вообичаената тура низ градот, туристите најверојатно би дознале дека го проектирал архитектот Петер Јозеф Лене и дека е наречен според битка. Но, кога е водич Карстен Фос „знаменитости“ се клупите во паркот, автоматите за враќање на шишињата, продавницата која работи 24 часа. Фос всушност го опишува градот од гледна точка на бездомниците. И самиот некое време живеел на улица, но е на пат повторно да го среди својот живот.

Да се надмине стравот од контакт

Според проценките, во Берлин живеат околу 4000 бездомници. За некои може веднаш да се забележи дека живеат на улица, но за многу од нив и не може, бидејќи тие воопшто не одговараат на профилот на пропаднати скитници. Повеќето граѓани и туристи не ги ни забележуваат и само ги игнорираат.

Тоа за Сали Олех и Катарина Кун беше повод да започнат со проектот „Кверштатајн“(Querstadtein), кој слично како во Лондон и Копенхаген, на туристите им нуди разгледување на градот според темата - живот на улица. На сите кои еднаш ќе го видат Берлин од перспектива на бездомниците би требало да им помогне да се ослободат од предрасудите и стравот од контакт.

Projekt Querstadtein Obdachlose zeigen ihr Berlin

Туристичкиот водич Карстен Фос и самиот бил бездомник

Туристичкиот водич Карстен Фос подготви план за овие тури. Поголемиот дел од турата го води низ неговото соседство - Шенеберг, дел од градот кој не е популарен, но е толерантен. Овде живеат многу бездомници, до неодамна и тој беше меѓу нив.

Во текот на турата, 54-годишниот водич зборува за својот живот. Бил менаџер на една берлинска компанија, се` додека стресот не станал преголем. „Се изгорев“, додава тој и вели дека во многу работи згрешил. Се повлекол во себе: „Не сакав веќе ништо да видам, ни да слушнм, на ништо не реагирав“.

Завршил на психијатрија и го загубил правото на паричен надомест за невработени. Не сакал социјална помош. Кога снемал пари, завршил на улица. Тоа било пред речиси две години. Во меѓувреме нашол стан и доброволно работи во дневниот центар за бездомници. Наскоро започнува и дополнителна обука. Темата е собирање пари за хуманитарни цели.

Ова не е туризам на мизеријата

Некои места од неговата тура може да се најдат и во туристичките водичи: Винтерфелдплац, Викторија-Луиз-Плац, железничката станица Зоо, Брајтшајдлац, на кој се наоѓа црквата во спомен на кралот Вилхелм.

Но кога Карстен Фос зборува за нив, овие места добиваат сосема друго значење, од тоа што го имаат на вообичаените тури. На железничката станица Зоо, тој ги носи во супермаркетот Улрих, што работи цела недела. Пред автоматите за враќање на шишињата се создава голема турканица, посебно за време на викенд. За да добијат барем малку пари, многу бездомници тука ги враќаат шишињата. На Брајтшајдплац тој на својата група вниманието и‘ го насочува кон трговските центри кои претставуваат засолниште на бездомниците во текот на зимата.

Важно место е и Вотас, дневниот центар за бездомници. Таму тие можат да престојуваат во текот на денот, на располагање имаат тушеви, машини за перење алишта, телефон, интернет, весници и книги. Освен тоа, бездомниците тука можат да побараат помош, ако имаат проблеми со службите или слично. Фос само им раскажува на туристите за овој центар, посетата не е во програмата, бидејќи турата не би требало да биде разгледување на мизеријата.

Бездомниците го сакаат Берлин

Vorstellung des Berichts der Nationalen Armutskonferenz

Понекогаш единствен приход на бездомниците им е собирањето шишиња

Социјалната мрежа за бездомници во Берлин е многу развиена, вели Фос. Тоа е причината зошто бездомниците од другите германски покраини доаѓаат овде. Освен тоа, „општиот однос кон бездомниците во градот е позитивен, според мотото: ’Секој треба да биде среќен на свој начин’. Тоа е карактерисично за жителите на Берлин.

На крајот на турата Фос стигнува и до главната идеја, која го поттикнала почетокот на „Кверштатајн“ проектот - надминување на стравот од контакт. Откако луѓето ќе дознаат за тоа на кој се‘ начин може да се стане бездомник и како изгледа нивното секојдневие, се поставува прашањето: како да се однесуваат кон нив? „Гледајте ги, немојте да го вртите погледот“, вели Фос. „Кога некој само ќе ме погледнеше, се чувствував подобро“. Најважно е да се обрне внимание, заклучува Фос.