1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлин бара јасен одговор на нападот со хемиско оружје

Владата во Берлин заедно со сојузниците разгледува мерки против режимот на Асад, доколку се покаже извршил напад со хемиско оружје. Не е познато во колкава мерка Берлин би учествувал во воена акција.

Германската влада вчера ја повика меѓународната заедница да дејствува колективно, ако инспекторите од ОН во Сирија најдат докази за употреба на хемиско оружје во нападот од минатата среда. Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел рече дека доказите кои биле на располагање пред почетокот на инспекцијата се покажале како силни.

„Околностите, сликите, извештаите од сведоците и изјавите од меѓународните хуманитарни организации за жал зборуваат со многу јасен јазик“, рече портпаролот Штефен Зајберт. Тој рече и дека доколку се потврди употребата на хемиско оружје, тогаш тоа „мора да биде казнето и не може да мине без последици“.

Официјален Берлин, според него, го поздравува фактот што на инспекторите на ОН им е овозможен приод на местото на нападите. Но, од аспект на канцеларката Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и британскиот премиер Дејвид Камерон, тоа доаѓа предоцна. Берлин во секој случај ќе ги договори натамошните чекори заедно со САД и другите меѓународни партнери, истакнува Зајберт.

Дека Германија заеднички се координира со партнерите, потврди денеска (27.08) и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Нападот со хемиски отрови е злосторство против цивилизацијата, изјави Вестервеле:

„Ако се потврди дека нападот го извел режимот на Башар ал-Асад, во тој случај меѓународната заедница мора да реагира. Германија во тој случај е на страната на оние кои сметаат дека тоа не може да помине без последици. За тоа разменуваме ставови со нашите сојузници и првенствено со ОН“, рече Вестервеле, не прецизирајќи во каква форма Германија би се вклучила во акција против сирискиот режим.

Многу германски политичари се изјаснија против воена интервенција во Сирија. Кандидатот за канцелар од опозиционата Социјалдемократска партија Пер Штајнбрик повикува на крајна воздржаност и истакнува дека не гледа начин на кој воена интервенција би придонесла за внатрешно смирување во Сирија и заштита на човечките права.