1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Берлински ѕид“ и натаму во главите на Германците

23 години по повторното обединување на Германија, обновата на инфраструктурата е речиси завршена. Но, предрасудите останаа кај многу луѓе од истокот и западот. Тие и натаму не се гледаат себе си како еден народ.

Од 1961 до 1989 година луѓето во Источна Германија беа буквално заѕидани - затворени во просторот на поранешната советска окупациска зона, која беше направена по Втората светска војна. Бегството речиси и да не беше можно. Во т.н. Демократска Германска Република (ДДР) социјализмот требаше да живее. Но, на крајот на 80-тите години овој политички експеримент пропадна.

Кога во 1989 година се отворија границите меѓу двата дела на Германија, голем дел од народот од Источна Германија почна да се сели во Западна Германија. Слободата веќе се чувствуваше. Можеше да се патува и конечно да се пазарува, нешто што не беше можно во ДДР. Така исчезнаа облеките според кои можеше веднаш да се препознае дека се работи за Германец од источниот дел на земјата - светлосиви чевли, јакни од скај и тренерки од вискоза. Исто така се променија и фризурите - од фенирана трајна ондулација до модерно потстрижување на косата. Така наскоро луѓето од Источна Германија визуелно не можеа да се разликуваат од оние кои живееја во Западна Германија. Но, длабоко во себе меѓу нив и натаму имаше разлики, а останаа и предрасудите.

Предрасудите на Германците од Источна Германија

Maueroeffnung am Checkpoint Charlie Friedrichstraße 1989

Колона трабанти, познатотот источногерманско возило, минува на контролната точка „Чарли“ и влегува во Западен Берлин

„Тие се арогантни, постојано мислат на пари, бирократизирани се и површни“, вака сумира Томас Петерсен од Институтот за истражување на јавното мислење „Аленсбах“ што и денес многу Германци од Источна Германија мислат за оние од Западна Германија. Репрезентативна анкета на Институтот, направена во 2012 година, исто така покажа дека тие имаат многу поголеми предрасуди за Германците од Западна Германија, отколку што тие имаат за оние од Источна Германија. Институтот „Форса“, пак, откри дека Германците од Источна и Западна Германија и натаму не се гледаат меѓусебе како еден народ.

Луѓето од Источна Германија сметаат дека се „граѓани од втора класа“, оценува Андреас Цик. Социологот на Универзитетот Билефелд заклчучува во своите истражувања дека многумина сметаат оти условите за живот во Источна Германија се дискриминирачки. Иако одблизу многу улици и куќи во поранешната ДДР се модернизирани и инфраструктурата е нова, сепак платите сега се под 20 проценти од нивотот во Западна Германија. Пензиите, пак, се за 10 проценти помали во однос на западот од земјата.

Според мислењето на економистите, причината за тоа лежи меѓу другото и во видот на фирмите кои постојат во Источна Германија. Најчесто тоа се снабдувачи на фирми во западниот дел од земјата. Таму ретко има централи на фирми со високоплатени работни места. Субвенции во висина од стотици милијарди евра не успеаја да го променат овој развој. „Постојат големи разочарувања“, заклучува социологот Андреас Цик.

Предрасудите на Германците од Западна Германија

Стереотипи постојат и натаму и меѓу Германците од Западна Германија, но тие се поретки отколку меѓу поранешните жители на ДДР. Анкети на водечки институти за истражување на јавното мислење покажаа дека Германците од Западна Германија сметаат дека оние од истокот се незадоволни, претпазливи и исплашени. Само 43 проценти од Германците од западот ги опишуваат како „посветени“ и „флексибилни“ нивните сограѓани од истокот на земјата.

Symbolbild Wiedervereinigung deutsche Einheit Westdeutsche Ostdeutsche Mauerfall 1990

Околу еден милион Германци пред Бранденбуршката порта во 1990 година го славеа повторното обединување на Германија

Солидарниот придонес (попознат и како Соли), кој е специјален данок за финансирање на германското единство и за повторна обнова на Источна Германија, најголем дел од Германците од западот сакаат колку што е можно поскоро да биде укинат. Тие се чувствуваат како вечни плаќачи за браќата и сестрите од Источна Германија, но притоа забораваат дека таквиот данок го плаќаат и оние кои живеат во Источна Германија. Тоа покажува дека единството во главите на народот и натаму не е целосно присутно.

„Меѓу Осис и Весис (имиња со кои се нарекуваат Источногерманците и Западногерманците меѓусебе, н.з.) едноставно има многу малку пријателство, многу малку контакти и врски, за разлика од она што се посакува“, објаснува социологот Андреас Цик.

Истражувачот на јавно мислење Томас Петерсен смета дека ова не може да се толкува како заедничка незаинтересираност. „Западна Германија едноставно е четирипати поголема од Источна Германија“, додава тој. Притоа дистанцата игра голема улога, бидејќи поради неа луѓето неможат почесто подобро да се запознаат.

„Втората и третата генерација по обединувањето е многу пооптимистична. Бројот на оние кои гледаат повеќе различности отколку сличности меѓу Источна и Западна Германија во минатите години постојано се намалува“, забележува истражувачот Томас Петерсен.

Во меѓувреме има млади луѓе, кои воопшто го немаат запознаено Берлинскиот ѕид и поделбата на Германија. Затоа денес анкетите изгледаат многу поразлично од пред 15 години - агресивниот тон во анкетите денес речиси и да не може да се замисли. Дали и кога разликите во главите на луѓето ќе исчезнат сосема - анкетарите тоа не можат да го предвидат.