1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

25. години од падот на Берлинскиот ѕид

Берлинскиот дворец - историски „мејк-ап“?!

Берлинскиот дворец ќе биде повторно изграден на местото на Палата на републиката. Ќе никне нова градба за дијалог на културите, „Хумболтов форум“. Реконструкцијата на стариот дворец предизвика дебата.

default

Тридимензионална макета на Берлинскиот дворец

Многу прашања останаа отворени кога на 19 септември 1990 година Народното собрание на поранешната ГДР ја затвори Палатата на републиката. Затворањето на Палатата поради оптоварувањето со азбест доведе до широка дебата за иднината на поранешниот „Дом на народот“ и неговото место на островот на реката Шпре во центарот на Берлин.

Дали престижниот објект на ГДР треба да остане или повторно да се изгради барокниот резидентен дворец на пруските кралеви? Што би било најдобро на тоа место? Колку легитимна би била изградбата на дворецот? Се отвори бурна дебата со аргументи „за“ и „против“ повторната изградба на дворецот.

Во 1992 година, Вилхелм фон Бодиен ја основаше Фондацијата за Берлинскиот дворец. Една година подоцна тој изгради макета на дворецот голема колку оригиналот, како еден вид реклама за повторното градење на дворецот. На тој начин дебатата за повторната изградба на дворецот во 1993/1994 година го достигна првиот зенит. Поддржувачите рекоа дека дури со појавата на кулисите на замокот го сфатиле и историскиот контекст на зданието и неговото природно опкружување: Магацинот на оружје, Стариот музеј, Берлинската катедрала. „Луѓето разбраа колку дворецот му дава белег на тој дел од градот“, објаснува Герд Пешкен, автор на книгата „Берлинскиот дворец“ (1982).

Оживување на историскиот Берлин

По повторното обединување, просторот на островот на реката Шпре играше важна улога во концептот на германската влада за преселба од Бон во Берлин. За да се дојде до предлози за натамошниот развој на градбите во историскиот центар на Берлин, сојузната влада и Берлинскиот сенат во октомври 2000 година формираа експертска комисија што требаше да подготви препораки за користењето, обликувањето и финансирањето на нова градба на просторот на поранешниот Берлински дворец.

Во јули 2002 година Бундестагот со големо мнозинство ја изгласа препораката на експертската комисија: на местото на Берлинскиот дворец, кренат во воздух во 1950 година, и на Палатата на републиката (што, пак, беше урната од 2006 до 2008 година), требаше да никне Центар посветен на воневропските култури. Новата градба требаше да се ориентира кон стереометријата на поранешниот дворец и кон задржување на барокните фасади на трите надворешни страни, како и на Шлитеровиот двор (според името на архитектот Шлитер). Обликувањето на источната фасада на новоградбата во насока на телевизиската кула на Берлин им беше оставена на слободата на архитектите. Обновата на куполата на дворецот, пак, беше оставена за подоцнежно вклучување, според потребите. Трошоците беа ограничени од страна на Бундестагот на 552 милиони евра. Кон крајот на 2007 година од главните точки на препораките на експерите беше подготвен текстот за конкурсот за просторот на дворецот во Берлин.
























Архитектонски конкурс за просторот на дворецот

На 28 ноември 2008 година, министерот за градежништво и член на жирито, Волфганг Тифензе, заедно со претседателот на жирито, професор Виторио Лампуњани, ја објави одлуката на жирито: победник на дводелниот конкурс за просторот на Берлинскиот дворец е архитектонското биро „Франческо Стела“ од италијанскиот град Виченца.

„Архитектонскиот предизвик се состоеше во тоа, со придржување кон барањата на Бундестагот, реконструкцијата на барокните фасади на дворецот кренат во воздух во 1950 година, користењето на ова значајно место да се поврзе со иднината и во согласност со времето“, изјави Тифензе. „Само идејата на победникот беше во согласност со високите барања што ги поставивме во конкурсот. Другите наградени во одделни аспекти нудат интересни делумни решенија“.

Тифензе и Лампуњани во победничкиот проект на „Стела“ особено ги истакнаа просторната влезна сала, возобновувањето на плоштадот пред дворецот, истакнувањето на другиот дворец „Белведере“ на источната страна и новиот имиџ на градот, што се создава со поврзувањето на „Градината на задоволствата“ со урбаниот дел на Берлин. Како контраст со историските фасади, „Стела“ источниот фронт го преработи во облик на скромна фасада што го прави видливо разграничувањето меѓу новото и старото.

Форум за дијалог на културите

Стариот дворец треба да стане седиште на „Хумболт форумот“ - Центар за културна, научна и општествена размена. Именуван по браќата Вилхелм и Александар фон Хумболт – едниот интелектуалец и државник, а другиот природонаучник – „Хумболт форумот“ треба нивните имиња да ги претвори во програмска насока за работата на новата институција, што ќе соодветствува со животните определби на браќата.

Корисната површина од 40 илјади квадратни метри треба да ја користат фондацијата „Пруско културно наследство“, Хумболтовиот универзитет и Централната и Покраинската библиотека. Фондацијата „Пруско културно наследство“ во „Хумболтовиот форум“ ќе ги префрли своите воневропски збирки од Музеите во Берлин-Далем. Освен тоа, ќе постои централен влезен и изложбен простор на приземјето и во подрумот, таканаречена Агора, предвидена за 15 илјади посетители дневно.

Изградбата на „Хумболт форумот“ треба да почне во 2010 и да заврши најдоцна во 2015 година. По уривањето на Палатата на републиката, најнапред ќе треба да се дотера површината. Во октомври 2007 година беше отворен привремен изложбен простор, посветен на меѓународната уметност.

Критика на победничкиот проект

Како единствен претставник на политичката опозиција во жирито, во улога набљудувач се најде пратеникот на Партијата на Зелените во Бундестагот, Волфганг Виланд. Во интервју за „Дојче веле“, Виланд изјави дека „старинските фасади на проектот“ со флексибилни внатрешни простори, а со тоа и флексибилни можности за користење, убеди многумина, вклучувајќи ги и пријателите на дворецот, кои се надеваат дека на крајот повторно ќе биде обновен стариот барокен изглед на внатрешните простории. Меѓутоа, лично за Виланд, со проектот на „Стела“ скоро целосно ќе пропадне просторот на Агората, подеднакво како и „проодноста од запад кон исток или од исток кон запад“. Вкупно, победничкиот проект е меко дополнување на стариот дворец, но без уверливо внатрешно дообличување, смета тој.
























Новиот дворец: фикција или суштина?

Според Службата за урбанизам на градот Берлин, дворецот никогаш не беше место каде што се донесуваа политичките одлуки на Прусија. Власта беше таму каде што беше монархот, а кралот на располагање имаше цел спектар резиденцијални дворци во и околу Берлин. Меѓутоа, како место за инсценирање на кралската моќ, Берлинскиот дворец имаше голема симболичка вредност.

Од средината на 15 век, дворецот, преку проширувањата и внатрешните доградби, израсна во лавиринт со 1.210 соби. Неговиот изглед го одбележа пред се’ барокното проширување од страна на дворскиот архитект Андреас Шлитер во 1700-та година. Тогашните преправки беа насочени пред се’ кон обезбедување на подобри услови за презентација на кралот, велат надлежните служби на главниот град.

Идејата, трите барокни фасади и Шлитеровиот двор да се обноват според оригиналот, наиде на критика од страна на противниците на повторната изградба. Тие сметаат дека станува збор за „кулисна архитектура“ на новиот дворец. Адријан фон Бутлар, претседател на покраинското собрание и професор по историја на уметноста на Техничкиот универзитет во Берлин оцени дека станува збор за „клониран дворец“ што ќе биде користен како „прочистена верзија“ на пруската историја за засилена национална идентификација. Тој го критикуваше уривањето на Палатата на републиката и се изјасни за зачувување на поновите историски траги во главниот град.