1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Берлиналето останува политички ангажиран фестивал

Општествено-политичките расправи одсекогаш биле својствени за Меѓународниот филмски фестивал во Берлин. Така е и на годинешното 61. издание, кое завршува вечерва со доделувањето на престижните „мечки“.

default

Кога во 1950 година беше основан филмскиот фестивал во Берлин се работеше за политичка одлука. Освен идејата дека Берлиналето треба да донесе гламур и сјај во разурнатиот Берлин, основачот на фестивалот, американскиот офицер Оскар Мертеј сметаше дека тој ќе претставува прозорец кон светот и за Германската Демократска Република и за Источниот свет. По падот на Берлинскиот ѕид таквиот концепт стана непотребен, но фестивалот остана арена каде често се судираат и пошироки општествени и политички мислења.

Жените и фудбалот во Иран

„Зошто жените не смеат на стадион, а мажите смеат?“

„Вие не ги познавате мажите“.

„Тогаш многу ме интересира зошто Јапонките смеат да го гледаат натпреварот Јапонија-Иран?“

„Токму затоа што се Јапонки“.

„Значи, за јас да смеам да го гледам натпреварот треба да бидам Јапонка. Тоа е будалаштина“.

Младите жени во филмот „Офсајд“ не го доведуваат под прашање само фудбалскиот натпревар, туку и целиот општествен систем. Филмот на иранскиот режисер Јафар Панахи е на програмата на годинешниот филмски фестивал. Додека во Тунис и Египет демонстрантите бараат промена на власта, протестите во Иран во 2009 година не доведоа до промени. Голем број критичари на режимот и интелектуалци беа уапсени, меѓу нив и Панахи. Тој беше осуден на 6 години затвор, 20 годишна забрана за напуштање на Иран и занимавање со неговата професија. Директорот на Берлиналето го повика Панахи да биде член на жирито на годинешната филмска смотра.

Deutschland Iran Berlin Kultur Film Berlinale 2011 Jury Jafar Panahi

Местото на Панахи во жири комисијата остана празно за време на фестивалот

„Овој режисер, политички, точно и остро се занимава со темите кои ги потресуваат поединците и целиот свет и тоа на таков начин да влијаат врз животот на единката“, изјави директорот на фестивалот, Дитер Кослик.

Нема место за цензурата

Во знак на протест поради затворањето на Панахи, на Берлиналето во различни секции ќе бидат прикажани неговите филмови. Ќе биде одржана и дискусија на тема „Цензурата и слободата на мислењето“ во Иран. Во доцните 60-ти години, Берлиналето се прости од сликата на гламурозен фестивал. Токму поради општествено-политичките прашања со кои се занимава фестивалот, во 1970. година дојде до жестока расправа. Во антивоениот филм „ОК“ на Михаел Ферховен, кој беше во официјална конкуренција на фестивалот, еден војник им пријавува на своите претпоставени силување и убиство на цивил:

„Вие заборавате една работа, ние ја браниме слободата во оваа земја и демократските човекови права на целиот Запад. Поради таа одбрана ние поднесуваме најголеми жртви“.

Претседателот и членовите на жирито сметаа дека филмот е антиамерикански поради што најавија негово повлекување од програмата. Гледачите и голем број филмски работници протестираа против оваа одлука и филмот на крајот остана на програмата.

Советскиот блок дојде, па се навреди

Тоа беше иницијалната каписла за реформа на фестивалот. Во 1971 година беше воведен Меѓународниот форум на новиот филм. До денес, во таа секција се прикажуваат дела на иновативни уметници. Политиката на Вили Брант доведе до подобрување на врските со Истокот, па во 1974 година за првпат беше прикажан филм од Советскиот сојуз. Една година подоцна и филм од ДДР. Во 1979 година се случи нов скандал: антивоениот филм на Мајкл Чимин „Ловец на елени“, според делегацијата на Советскиот сојуз бил навредлив за виетнамскиот народ, па голем број учесници од источниот блок го напуштија фестивалот.

Deutschland Italien Berlin Kultur Film Berlinale 2011 Jury Isabella Rosselini

Славната Изабела Роселини годинава претседава со жирито

Со таквиот потег никој не беше импресиониран. Берлиналето до денес се залага за уметничката слобода и индивидуалност. Секцијата „Панорама“ посветува особено внимание на геј и лезбејските врски. Оваа година по 25-ти пат ќе биде доделена наградата Теди, најстара геј и лезбејска филмска награда во светот. Директорот на „Панорама“, Виланд Шпек вели дека фестивалот се занимава со условите за живот на хомосексуалците во целиот свет, па и во муслиманските држави.

„Се работи за неверојатно опасна тема. Луѓето ги убиваат поради фактот што се хомосексуалци. Поради тоа им посветуваме внимание на тие теми. Сето тоа се случува денес, и тоа не се филмови однадвор, туку одвнатре“.

Кампусот за млади од 2003-та година се занимава со младите таленти. Во академијата која трае 7 дена, младите филмски автори од целиот свет имаат можност да учат во разни работилници, предавања, дискусии кои ги одржуваат врвни филмски професионалци од целиот свет.

Автор: Бернд Зобола/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски