1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Берлиналето дозреано за „ремонт“?

„Златната мечка“ од годинешното шеесетто Берлинале отиде во рацете на турски режисер, прв пат по цели 46 години. За наградите, како и за главните трендови на меѓународниот филмски фестивал - од следниот коментар.

default

Во инаку просечната конкуренција за главните награди, филмот „Мед“ или на турски „Бал“, беше навистина едно од четири-пет најдобри остварувања. Филмот на турскиот режисер Семих Капланоглу ја продолжува и традицијата на Берлиналето „Златната мечка“ да оди во рацете на помалку познати режисери и филмски нации, кои се` уште не влегле во светот на најславните. Притоа мора да се каже дека режисерот Капланоглу не е непознат, бидејќи неговиот филм „Сит“ тукушто се прикажуваше во германските кина. Тој исто така е истакнат претставник на уметнички ориентираната филмска продукција во Турција од последниве неколку години.

Успешно жири

На жирито под раководство на Вернер Херцог мора да му се признае дека и другите награди ги додели на навистина издржани остварувања. „Сребрената мечка“ за Роман Полански не беше само порака на солидарност со режисерот кој седи во притвор во Швајцарија поради обвинувањата за сексуална злоупотреба подигнати против него во САД. Неговото остварување „The gost writer“ е навистина мајсторски инсценирано, одлично одиграно и снимено во прекрасни пејзажи, така што срцата на синеастите навистина можеа да заиграат.

Добри и издржани беа и одлуките за доделување на големата награда на жирито за остварувањето од Романија, младинската драма „Кога ми се свирка, тогаш свиркам“ на режисерот Флоријан Сербан, како и за најдобро сценарио за филмот што го отвори фестивалот, „Туан Јуан“ на кинескиот режисер Ванг Куанан. Единствено за жалење е што иранскиот филм „Време на гнев“ не доби никаква награда и тоа не само поради политичката актуелност, туку и како филмско остварување.

Просечно ниво

Но, тоа се сепак детали. Општо земено годинешното Берлинале покажа просечно ниво. И тоа е тренд од последните неколку години. Се чини дека на срцето на големиот филмски фестивал, имено натпреварот за „Златните“ и „сребрени мечки“, му е неопходна реформа. Доказ за тоа е фактот што големите режисери како Педро Алмодовар, Ларс фон Трир или Квентин Тарантино ги подготвуваат и пласираат нивните најдобри остварувања за фестивалот во Кан.

Jochen Kürten Deutsche Welle

Јохен Киртен

Би можело секако да се аргументира дека Берлиналето има поинаков фокус, имено промовирање на помалку познати режисери и филмски нации. На тоа и не би имало што да му се приговори доколку во главната конкуренција би се прикажувале навистина високо квалитетни филмови. Но, она што годинава го видовме во Берлин не беше на нивото на голем меѓународен фестивал, каков што сака да биде Берлиналето.

Можеби решението може да се најде во смалувањето на огромната манифестација со многубројни програмски секции, подрубрики и споредни филмски манифестации. Можеби би требало организаторите да се насочат кон помалку квантитет и повисок квалитет. На ваквата препорака не и` противречи фактот што директорот на фестивалот Дитер Кослик соопшти оти е постигнат нов рекорд во бројот посетители, имено повеќе од 300.000.

Автор на коментарот: Јохен Киртен

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска