1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Берзите ја губат битката со кризата

Берзите во САД, Азија и Јужна Америка забележаа натамошен пад како последица на паниката на инвеститорите. Американскиот претседател Обама вели дека „САД секогаш ќе имаат три А.“

default

Берзите ширум светот втор ден по ред бележат голем пад на вредноста на акциите, како последица на должничките кризи во САД и Европа. Вредност на акциите на Њујоршката берза паднаа на најниско ниво во последните 10 месеци. Вчера европските берзи затворија со минусно салдо, кое во просек се движеше околу 4 отсто. Големи загуби од речиси 10 проценти забележаа берзите во Јужна Америка. Утрово, пред затворањето, азиските берзи бележат негатива од еден до 10 проценти. Цената на златото продолжува да расте, а паралелно паѓа цената на нафтата.

Без разлика што говорат рејтинг агенциите, кредитниот рејтинг на САД останува највисок, оцени американскиот претседател Барак Обама во говор од Белата куќа.

„Пазарите ќе јакнат и ќе паѓаат. Но, ова се САД. Без оглед на тоа што некоја агенција ќе го каже, секогаш ќе бидеме држава со три А“, изјави Обама. Во петокот агенцијата за кредитни рејтинзи „Стандард и Пурс“, го намали рејтингот на САД за еден степен, од највисокото можно „ААА“ на „АА+“. Одлуката предизвика турбуленции на светските пазари.

Автор: БГ/ТТ/макфакс

Редактор: Горан Чутаноски