1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берзите тргнаа нагоре

Светските берзи позитивно реагираа на планот на американската администрација за откупување на дубиозните кредити и акции од банките. На сите поголеми берзи е регистрирана позитива.

default

Дау Џонс се покачи за 6.84 насто

Њујоршката берза веднаш реагираше позитивно на планот на американското министерство за финансии за спас на банкарскиот систем. Основниот индустриски индекс, Дау Џонс, се покачи за 6,84 насто, што е најголемо дневно зголемување на неговата вредност од октомври минатата година. Индексот НАСДАК, кој ја изразува вредноста на акции на технолошки фирми, се искачи за 6,76 насто. И азиските берзи го завршија работењето со позитивен биланс. Јапонскиот Никеи забележа раст од 3,3 насто, додека индексот на берзата во Хонг Конг регистрираше позитива од 3,4 насто. Покрај тоа, на овие берзи се зголемил и бројот на трансакции.

Позитивна реакција и на европските берзи

DAX steigt Börse Frankfurt

На брокерите им олесна

Добри вести денеска дојдоа и од европските пазари за тргување со хартии од вредност. Како што јавуваат агенциите, берзите во Франкфурт, Лондон и Париз работењето го започнаа во позитива. Ваквиот тренд следи само неколку часа откако американската влада го објави планот со кој се предвидува од банките да бидат откупени таканаречените дубиозни кредити и високоризичните хартии од вредност. Американскиот министер за финансии, Тимоти Гајтнер, соопшти дека за таа цел се предвидени околу една милијарда долари.

Според проценките на аналитичарите, довербата во берзите полека се враќа, како резултат токму на мерките за борба против кризата, што се преземаат во САД.

Извор: Агенции Обработка: Невена Георгиевски

Редактура: Трајче Тосев