1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берзански шпекулант уапсен за нападот врз Борусија Дортмунд

Нападот врз автобусот на фудбалерите на Борусија Дортмунд најверојатно нема терористичка позадина. Полицијата уапси лице за кое се верува дека стои зад нападот.

Десетина дена по нападот со експлозив врз автобусот на фудбалскиот тим на Борусија Дортмунд (БВБ), полицијата изутринава во регионот на Тибинген уапси 28-годишно лице. Според обвинителството, осомничениот имал намера со нападот да предизвика пад на акциите на БВБ, со што тој би заработил милиони. Уапсениот има германско и руско државјанство. Тој се товари за обид за убиство, за предизвикување експлозија, како и за тешки телесни повреди.

Во вторникот минатата недела, пред натпреварот од Лигата на шампиони против тимот на Монако, во просторот на хотелот каде беше сместен тимот на Борусија Дортмунд, се случија три експлозии во моментот кога автобусот со фудбалерите тргнуваше од хотелот. Притоа тешко беше повреден одбранбениот ограч Марк Бартра. Полицаец на мотоцикл доживеа акустичен удар.

Гледај видео 01:22

Напад врз автобусот на Борусија Дортмунд

Според информации на агенцијата ДПА, изутринава полицијата имала акции во четири различни објекти во покраината Баден Виртемберг. Обвинителството тврди дека осомничениот, кој бил сместен во истиот хотел со тимот на БВБ, на 11 април, денот на нападот врз автобусот, купил 15.000 продажни опции за 78.000 евра поврзани со акциите на Борусија Дортмунд. Хартиите од вредност имале рок до 17 јуни. Купувањето било реализирано преку онлајн-приклучок во хотелот каде била сместена екипата. Осомничениот го финансирал купувањето со кредит, подигнат на почетокот на април 2017 година. Тој шпекулирал на курсеви во опаѓање, со тоа што висината на добивката зависи од големината на падот на курсот. Доколку играчите со нападот беа повредени тешко или дури доколку некој загинеше, курсот на акциите најверојатно значително ќе паднеше.

Весникот „Билд“ објави дека осомничениот живеел во Баден Виртемберг. Тој бил баран од полицијата поради 20-кратен обид за убиство уште од 13 април.

 

Аудио и видео прилози на оваа тема