1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Белград се лути, Приштина задоволна

Србија ја критикува одлуката на Хашкиот трибунал за ослободување на Рамуш Харадинај и двајца негови соработници. На Косово истата одлука е поздравена, а ЕУ е без коментар.

По ослободителната пресуда на Хашкиот трибунал, поранешниот водач на Ослободителната војска на Косово и лидер на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај преку својот правен тим порача дека по враќањето на Косово ќе ја преземе позицијата „политички лидер на земјата и ќе ја води владата која ќе ги претставува сите граѓани на Косово“.

Kosovo ehemaliger Premierminister Ramush Haradinaj UN Tribunal Freispruch Den Haag

Рамуш Харадинај

Харадинај во соопштението потпишано од неговиот адвокат Бен Емерсон од неговиот правен тим, порача дека дошло време за помирување. „Ќе ја преземам позицијата политички лидер на земјата која ми припаѓа и ќе ја водам владата која ги претставува сите граѓани на Косово, без разлика кој јазик го зборуваат, од каде и да доаѓаат и без оглед на нивната етничка припадност“, се вели во соопштението.

Во соопштението се нагласува дека Харадинај како лидер на Косово ќе ги гарантира сите права на сите малцинства и дека ќе обезбеди полна политичка партиципација на Србите од Косово.

Тој им се заблагодари на сите на Косово и на меѓународната заедница кои биле зад него во текот на судењето за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.

Српските власти пресудата ја квалфикуваат како политичка, а не правна

Српскиот премиер Ивица Дачиќ оцени дека ослободителната пресуда на Рамуш Харадинај е очекувана и „последна во низата политички, а не правни и праведни пресуди на Трибуналот“.

Дачиќ додаде дека и покрај тоа, Србија ќе ги продолжи разговорите со Приштина, бидејќи тоа е во нејзин интерес. „Во интерес на Србија е и продолжувањето на дијалогот и евроинтеграциите“, рече Дачиќ, во изјава за државната агенција Танјуг. Тој нагласи дека и оваа пресуда, како онаа на хрватските генерали, „ќе го отежне процесот на помирување во регионот“, но дека Србија ќе го продолжи дијалогот со Приштина.

Tomislav Nikolic

Претседателот на Србија Томислав Николиќ

Според српскиот претседател Томислав Николиќ, пресудата „не е темелена на правото и правдата“ и дека „ќе ги отежне напорите за воспоставување мир во регионот, ќе ги поништи досегашните напори во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и ќе го зголеми евроскептицизмот“ во Србија. Николиќ смета дека „со ослободувањето на Харадинај се покажа лошото снаоѓање на (меѓународната) мисија на Косово и Метохија, непознавање на менталитетот на мнозинското население и неспособноста да се заштитат 29 сведоци клучни за инкриминирачката пресуда“.

Одлуката поздравена на Косово

Косовскиот премиер Хашим Тачи ја поздрави ослободителната пресуда на Рамуш Харадинај и ги повика граѓаните да прослават достоинствено и гордо, се наведува во соопштение на наговиот кабинет. „Тачи, Владата и граѓаните на нашата земја со радост ја примија одлуката на Хашкиот трибунал за ослободување од сите обвиненија подигнати против поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај и неговите соработници Идриз Баљај и Лахи Брахимиј. Премиерот Тачи им честита на сите граѓани на Косово на оваа очекувана победа и го повикува достоинствено и гордо да прослават“, се наведува во соопштението.

Afitete Jahjaga

Претседателката на Косово Артифете Јахјага

Претседателката на Косово Артифете Јахјага изрази задоволство од одлуката на Хашкиот трибунал да  ги отфрли обвиненијата против поранешниот премиер на Косово и еден од поранешните команданти на ОВК, Харадинај и неговите соработници, соопшти кабиетот нс претседателката. Според оценките на Јахјага денешната одлука на Хашкиот трибунал е доказ дека борбата на народот на Косово била правична и дека водачите на таа ослободувачка борба не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

ЕУ без коментар

Hashim Thaci mit Catherine Ashton und Ivica Dacic

Премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи со првиот европски дипломaт Кетрин Ештон (Архива)

Европската унија стави до знаење дека не сака да ја коментира денешната одлука на Хашкиот трибунал за укинување на пресудите за злосторства над Србите и другите нелабанци за бившиот командант Рамуш Харадинај и уште двајца припадници на ОВК. На прашање дали Европската комисија смета дека изгледите за помирување во регионот би можеле да бидат доведени во прашање поради ослободувањето на Харадинај и неодамнешената одлука за ослободување на бившите хрватски генерали Анте Готовина и Младен Маркач портпаролот во ЕК Петер Стано одговори дека „Европската комисија ја примила до знаење одлуката на Хашкиот суд“.

Портпаролот на комесарот за пропширување Штефан Филе дополни дека „Европската комисија не дава осврти на одлуки на Хашкиот суд, бидејќи тоа е независна институција“.

Стано додаде дека сака повторно да подвлече „дека се охрабруваат сите партнери во регионот (Западен Балкан) да продолжат да делуваат на промените и да ги јакнат добрососедските односи“.

Европски дипломатски извори за агенцијата Бета неофицијално пренесоа дека во опкружувањето на високиот претставник на ЕУ Кетрин Ештон се очекува „наскоро“ во Брисел да дојде до нова рунда од дијалогот Белград-Приштина, со учество на Кетрин Ештон, српскиот премиер Ивица Дачиќ и претседателот на косовската влада Хашим Тачи.