1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Белград-Приштина: раѓање на нова нормалност

По првиот ден од разговорите, денеска косовскиот и српскиот премиер Тачи и Дачиќ ги продолжуваат разговорите за регулирање на меѓусебните односи. Главна тема: северот на Косово.

Суштинско, круцијално и одлучувачки- тоа беа зборовите кои ги користеа европските претставници најавувајќи ја петтата рунда од дијалогот Белград-Приштина. Поради, како што беше речено, „големата важност на состанокот“, шефицата на европската дипломатија своите две попладниња ги резервира само за разговорите на премиерите Дачиќ и Тачи. На значењето на состанокот и резултатите од дијалогот укажаа и претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо и претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпој. Тие ги потсетија Белград и Приштина дека резултатите од дијалогот се од суштинско значење за евроинтеграцискиот пат на Србија и Косово.

„Ова е круцијална недела. Со надеж го очекуваме состанокот на премиерите Дачиќ и Тачи во петтата рунда од дијалогот и се надеваме на ист конструктивен дух како и порано. Резултатите од дијалогот се од критична важност за односите на ЕУ со Косово и Србија“, изјави претседателот на ЕК, Барозо.

Трансформација на северот

По првиот ден од разговорите ниту една страна не сакаше да го коментира текот на дијалогот. Во дипломатски извори во Брисел се вели дека прашањето на северот на Косово е во фокусот на оваа рунда. Се очекува дека токму решавањето на „чувствителното прашање“ како што е прашањето за инстутициите на северот, да биде од суштинско значење во клучниот момент во кој, според мислење на европските аналитичари, се наоѓа дијалогот.

Kosovo Mitrovica KFOR

Северот на Косово сега е клучна тема. фото: Митровица

Во Меѓународната кризна група пред оваа рунда разговори оценуваат дека позициите на Белград и Приштина „никогаш не биле поблиски во однос на прашањето на северот на Косово“ при што решението се гледа во трансформацијата на постојните институции на северот во „самоуправни тела и регион, кој би можел да се најде во рамките на косовската јурисдикција“.

„Белград и Приштина мора да ја искористат оваа шанса за суштински разговори за трансформација на постојните структури на северот на Косово. Изнаоѓањето на вистинскиот пат ќе биде тешко, но почетните фази на дијалогот и развојот на настаните даваат надеж дека новата нормалност полека се јавува меѓу двата соседи“, вели директорката за Европа во МКГ, Сабине Фрејзер.

Различни концепти

Српскиот премиер Ивица Дачиќ во Брисел дојде со предлог за формирање на заедница на српските општини со јасно зацртани надлежности. Косовскиот премиер Хашим Тачи најави дека во дијалогот ќе претстави „позитивна понуда“ за Србите на Косово, со цел нивна интеграција во „новиот косовски живот“- во идниот парламент на Косово и во централните и локалните институции.

„Нашата цел е да ги интегрираме сите Срби во косовските институции. Ние градиме земја во која сите граѓани ги уживаат истите права, особено малцинските заедници. Косово и Србија денес се во Брисел не за да се победуваат едни други, туку за да најдеме заеднички јазик, да се договориме и да тргнеме кон евроатлантските интеграции“, изјави Тачи пред почетокот на петтата рунда од дијалогот, која денеска влегува во својот втор ден.