1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Белград и Приштина разговараат за конечно усвојување на договорот

Делегациите на Белград и Приштина, предводени од премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, денеска (19.04) во Брисел водат нова рунда преговори со посредство на ЕУ.

Преговарачките тимови би требало да го разгледаат конечното усвојување на предлог договорот од 15 точки којшто го понуди вискиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон, јавува агенцијата Бета, повикувајќи се на извори во Брисел.

Според наводи на Радио-телевизија Србија, српските претставници прво имаат средба со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, од кого ќе бараат писмени гаранции дека војската на Косово нема да биде распоредена на северот на Косово.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ вчеравечер за агенцијата Бета изјави дека за српската делегација најспорна е точката 14 којашто се однесува на членство на Косово во меѓународните организации.

Маја Коцијанчиќ, портпарол на Кетрин Ештон, за РТС вчера изјави дека разликите во ставовите на Белград и Приштина сега се мали.

„Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон мора да го состави извештајот до понеделник и би сакала и едната и другата делегација уште еднаш да ги погледаат предлозите и да видат дали е можно да дојде до договор“, изјави Коцијанчиќ.

Дипломатски извори во Брисел информираат дека ЕУ сака договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина да биде постигнат до понеделник, кога европските лидери треба да се изјаснат околу препораката за почеток на преговори за членство на Србија во Унијата.