1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Белград и Приштина пред клучни одлуки

Состанокот на премиерите на Србија и Косово во Брисел претставува ново поглавје во односите меѓу Белград и Приштина. Иако политичкиот дијалог треба да води кон нормализација, дефинициите за „нормализацијата“ се различни.

default

Дека е време да се постигне историски договор меѓу Албанците и Србите е нешто околу кое можат да се согласат Белград, Приштина и Брисел. Сите се согласни и дека разговорите нема да бидат лесни, а ЕУ и на двете страни им порача да се подготват за тешки одлуки. За важноста на разговорите говори и податокот дека посредник ќе биде лично шефицата на дипломатијата на ЕУ Кетрин Ештон. Нејзината портпаролка Маја Коцијанчиќ за ДВ ја објаснува улогата на Ештон.

„Од искуството од претходните години со техничкиот дијалог знаеме дека се во прашање тешки преговори за кои се потребни и политичка волја и тешки одлуки. Јасно е и што е смислата на овој дијалог - конкретно отстранување на пречките на патот кон ЕУ и за Србија и за Косово“, вели Коцијанчиќ.

Sprecherin der Hohen Vertreterin für Aussen und Sicherheitspolitik der EU Maja Kocijančić

Маја Коцијанчиќ

ЕУ перспективи

Откако на последната рунда од техничкиот дијалог беше постигнат договор околу регионалното претставување на Косово и заедничкото управување со премините, по што на Србија и’ беше одобрен кандидатски статус во ЕУ, а Косово влезе во процес на подготовка за Договорот за стабилизација и асоцијација, не е чудно што сега се слушаат најави оти Србија веќе во декември може да размислува за условен датум за почеток на преговорите.

Од Брисел велат дека темите за кои ќе се дискутира ќе бидат оние кои и досега беа на преговарачката маса. Се споменува решавање на проблемот на северот на Косово, но и почитувањето на територијалниот суверенитет на Косово. Се очекува дека меѓу „тешките теми“ би можеле да се најдат српските паралелни структури, но и политиката на Приштина кон Србите на северот. Според некои најави, би можело да дојде и до разговори за отворање на канцеларии за врски во двата главни града. Аналитичарот Николас Вајт објаснува дека се бара воспоставување на „некој вид односи“.

„Значи не се бара целосно дипломатско признавање, туку прагматична согласност за актуелната состојба, односно дека Косово повеќе нема да биде дел од Србија“, вели Вајт.

Различни перцепции

Но, двете страни имаат различни перцепции за темите и за исходот од дијалогот. Србија нагласува дека не се откажува од својата државна политика, според која, прифаќањето на независноста на Косово е апсолутно неприфатливо и очекува дека нема да се разговара само за „северот и паралелните институции“, туку и за српскиот имот на Косово, враќањето на раселените, воените злосторства, но и за „конечното решение“.

Ivica Dacic

Ивица Дачиќ

„Сметаме дека овој дијалог е статусно неутрален, но не бегаме од разговори за статусот на Косово и Метохија. Покрај релаксацијата на односите, а поради ставање точка, ќе биде неопходно да се разговара и за конечното решение, кое би требало да претставува компромис“, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.

Од косовска страна однапред ставаат до знаење дека статусот на Косово, поделбата или автономијата за северот нема да бидат теми за разговор.

„Поделбата на Косово е сон кој никогаш нема да се оствари, без оглед кој го споменува. Косово е едно и ќе остане неподелено во сегашните граници и како такво е и меѓународно признато. Косово е европска земја и колку повеќе работиме на тие стандарди, тоа ќе биде во интерес на сите. Секој повик на промена на границите на Косово е опасен за целиот регион“, изјави Тачи за ДВ.