1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Белград и Приштина постигнаа договор за полицијата

Белград очекува да добие почеток на преговорите за членство во Европската унија во декември или јануари, врз основа на позитивниот извештај за напредокот во нормализација на односите со Приштина.

Белград и Приштина го финализираа договорот за интегрирање на сите оние кои сакаат да бидат дел од косовската полиција. Премиерот на Србија Ивица Дачиќ повторува дека е во прашање статусно неутрална спогодба постигната во „интерес на Србите кои живеат на Косово“, а со цел вработените во обласите на полицијата и правосудството да ја следат етничката структура на населението на теренот: „Сега треба да се мотивираат тие луѓе посмело да пристапуваат кон преминот во полицијата и да се пријавуваат за судии и обвинители. Тоа не значи дека тие признаваат некаква Република Косово, туку да учествуваат во интеграционите процеси без промена на нашиот принципиелен став за непризнавање на еднострано прогласената независност на Косово“.

Косовскиот премиер Хашим Тачи вели дека „уште од утре може да почне интеграција на сите кои сакаат да бидат дел од косовската полиција“, додека Дачиќ вели дека со натамошна примена на Бриселскиот договор на северот на Косово никој не би смеел да остане без вработување, пензиско и здравствено осигурување.

Белград не очекува нови услови

Treffen Ashton, Thaci und Dacic

Дачиќ, Ештон и Тачи

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон би требало на 17. декември на Советот на министри на Европската унија да го претстави извештајот за напредок во дијалогот Белград-Приштина. Се очекува дека до тогаш ќе дојде до тоа и до финализирање на договорот за правосудството, односно за начинот за формирање на судовите, пред сѐ на Основниот суд во Косовоска Митровица и Северна Митровица, колку совети ќе има, кој ќе биде претседател на судот и како во таа област ќе се почитува етничката структура? Во Брисел очекуваат дека до политички договор за ова прашање би можело да дојде веќе идната недела во новата рунда разговори меѓу двајцата премиери.

„Важно ни е извештајот на Кетрин Ештон на 17. декември да биде позитивен бидејќи е важно успешната примена на Бриселската спогодба и успешната организација на локалните избори да се крунисаат со почеток на преговорите на Србија за членство во ЕУ, кои би можеле да бидат на крајот на декември или најдоцна до јануари идната година“, нагласи премиерот на Србија, додавајќи дека веќе нема да има ниту одлагања ниту нови услови за напредокот на Србија кон ЕУ: „Не очекувам нови услови за почеток на преговорите, а особено не очекувам да се постави прашањето за промена на нашиот став за статусот на Косово до крајот на преговорите. Едноставно сакаме да знаеме кои се правилата на игра во кои учествуваме“, изјави Дачиќ во Брисел.