1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Белград и Приштина на чекор до договор?

Српскиот претседател Томислав Николиќ по средбата со Кетрин Ештон оптимист - договорот со Приштина е на дофат. Косовскиот премиер Хашим Тачи исто така се надева на нормализација на односите.

Српскиот претседател Томислав Николиќ, по состанокот на државниот врв со високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Кетрин Ештон во Белград, изјави дека договорот со Приштина е „на дофат“ и дека дијалогот продолжува во Брисел на 20 март.

Тој додаде дека сe‘ уште нема договор за заедницата на српски општини, но дека е оптимист и дека верува оти може да дојде до решение, а во таа прилика ќе биде испочитувана Резолуцијата за Косово и Метохија на Собранието на Србија. Николиќ наведе дека „никогаш не биле подблиску до договорот што ќе го уреди животот на Косово и Метохија и ќе овозможи сите што живеат таму да бидат заштитени, а Србите да живеат во рамки на својата заедница и да бидат поврзани со Србија“.

Catherine Ashton Atifete Jahjaga und Hashim Thaci

Кетрин Ештон, Хашим Тачи и Атифете Јахјага

Премиерот Ивица Дачиќ беше поумерен во изјавите, додавајќи дека во овој момент нема договор, ниту, пак, ќе го има додека суштински не се разгледаат предлозите на Србија во врска со заедницата на српски општини.

Косовскиот премиер Хашим Тачи, пак, денеска по средбата со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, изрази оптимизам во врска со можноста за потпишување на договор со Белград за нормализација на односите.

„Оптимисти сме околу оценката дека преговорите одат во добра насока. Очекуваме договор за општа нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, рече Тачи пред новинарите.

Тачи појасни дека преговорите влегле во „последната фаза“ и дека очекува да се дојде до договор не само за нормализација на односите меѓу двете држави, туку и нормализација на состојбата на северот на Косово каде што мнозинските Срби воспоставија паралелни структури и не ја признаваат власта во Приштина.

DW.COM