1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Белград е задоволен

Западните земји ја повлекоа предлог-резолуцијата за Косово по заканата од Русија со вето. Сега проблемот се префрла во Контак-групата за Косово. Расплетот во Њујорк секоја од страните го коментира на свој начин.

default

Нема согласност во Советот за безбедност

Одлуката на Советот за безбедност на ОН да се откаже од новата резолуција за Косово, предизвика задоволство во официјален Белград. Српскиот премиер, Воислав Коштуница, во пишана изјава за медиумите соопшти дека заедничката принципиелна политика на Србија и Русија остварила значајна победа во Советот за безбедност. Извесниот вид триумфализам на српскиот премиер го делат и претставниците на поголемиот дел владеачки и опозициони партии во Србија. Политичарите оценуваат дека се работи за добра вест за Србија и акцентот во своите реакции го ставаат врз префрлањето на решавањето на статусот на Косово врз Контакт групата. Српскиот претседател, Боприс Тадиќ, како и мнозинството политички партии, предупредија дека само Советот за безбедност на ОН може да одлучува за статусот на Косово и дека Контакт групата не може да носи такви одлуки. Лидерот на српската листа за Косово, Оливер Ивановиќ, во изјавата за Дојче веле вели дека Контакт групата нема да носи одлуки за конечниот статус, но таа е спомената во контекст на некого кој во иднина ќе ги води преговорите: ”Србија би морала да најде понуда која на косовските Албанци ќе им изгледа добро барем толку за да можат да ја разгледуваат. Не сум сигурен дека косовските Албанци во моментов би прифатиле што било друго освен независност, но и тоа е така да речам решение – да им се понуди нешто што не е независност и што тие веројатно ќе го одбијат, но кое за нас би значело така да речам тактичка предност.”

Косовскиот премиер Агим Чеку искажа разочарување од текот на настаните. “Русија не смогна сили да го поддржи процесот во ОН” – рече Чеку. Префрлувањето на преговарачкиот процес во Контакт-групата има смисла само ако тој не биде блокиран, вели Чеку, кој вчера предложи косовските Албанци на 28-ми ноември еднострано да прогласат независност.

Од Русија по седницата на Советот за безбедност доаѓа подготвеност и натаму да се работи на барањето решение за проблемот. Портпаролот на министерството за надворешни работи, Михаил Камињин, изјави дека неодржувањето на гласањето за предлог-резолуцијата во Советот за безбедност е логичен резултат на активниот став на Москва да се создадат услови за преговори. ”Уверени сме дека резолуцијата 1244 останува актуелна”, изјави тој.

Инаку, консултациите за статусот на Косово во Советот за безбедност траеја помалку од половина час. Не само за Русија, Кина и Јужна Африка, туку за многумина во Советот за безбедност беше преголем исчекор самостојност на српската покраина по наредба, спротивно на волјата на една суверена држава, од страв дека тоа може да биде преседан за цел свет.

“Територијалниот интегритет, неделивоста и почитувањето на суверенитетот се основни норми на меѓународното право и ние треба да го респектираме тоа. Решението мора да биде договорено меѓу страните во спорот” , изјави кинескиот амбасадор во ОН Ванг.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин не прифаќа префрлање на вината врз Русија за крајот на преговорите: “Ние ништо не одолговлековме. Ние спречуваме решение со кое се крши меѓународното право и се загрозува стабилноста меѓународно и на Балканот”.

Во новонастанатата ситуација САД успеаја да го протуркаат она за што се залагат со денови – решение да се бара без ОН. Се приклучија и други западни земји, меѓу нив и Германија и Франција. 120-те денови за нови преговори, предвидени со повлечената резолуција, сега треба да се реализираат во рамките на Контакт-групата за Косово, каде Русија нема право на вето.