1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Белград: Драматични мерки против банкротот

Српската влада предложи пакет мерки за штедење кои се оценети како рестриктивни. Клучните шест точки од пакетот предвидуваат големи заштеди, пред сѐ во јавниот сектор.

Мерките на српската влада предвидуваат намалување за 20 проценти на платите во јавниот сектор кои преминуваат 60 илјади динари, зголемување на данокот на додадена вредност за неегзистенцијалните производи за 8 до 10 проценти, реструктуирање на јавните претпријатија и намалување на субвенциите и подобрување на бизнис амбиентот. Премиерот Ивица Дачиќ, по претставувањето на новите мерки, изјави дека тоа било неопходно за Србија да не ја доживее судбината на Аргентина и Грција, додека министерот за финансии Лазар Крстиќ изјави дека мерките биле неопходни поради опасноста земјата да банкротира во следните две години. Владата проценува дека ефектот од тие заштеди би можел да изнесува околу 500 милиони евра, но експертите предупредуваат дека секогаш постои расчекор меѓу желбите и резултатите.

Во првичните реакции, стопанствениците се задоволни од мерките, додека опозицијата ги критикува. Лидерот на Демократската партија (ДС), Драган Ѓилас вели дека „владините мерки покажуваат оти таа нема ни луѓе ниту план за излез од кризата“, додека Чедомир Јовановиќ од ЛДП смета дека владините мерки се „израз на немоќ и неодговорност“.

Економистот Саша Стефановиќ вели дека се работи за изнудени мерки. Делумно се работи за популистички и неселективни мерки, а делумно и не можеле да се избегнат за да се спречи економскиот крах на земјата. Сега останува клучното прашање, како натаму да се поттикне растот на вработувањето.

„Овие мерки не понудија одговор на тоа прашање. Тука само се работи за прераспределба на остварените вредности и одржување на фискалната стабилност, а не за отворање работни места. Доколку не се зголеми стопанската активност, овие мерки ќе паднат во вода“, вели Стефановиќ.

Неселективност и популизам

Der serbische Premierminister Ivica Dacic

Ивица Дачиќ

Неселективноста на мерките, Стефановиќ ја гледа во фактот што ќе се намалуваат и платите на некој лекар-специјалист и на некој бирократ вработен во министерство. Популизмот, пак, го наоѓа во фактот што нема да се намалуваат пензиите,дури и тие кои се над 50 илјади динари.

Секој план кој подразбира рационализација на фискалната политика е за пофалба, оценува економистот Горан Николиќ. „Доколку се очекуваше поголемо растоварување по прашањето за работата и обврските, мислам дека тоа било нереално. Веќе сега постои голема буџетска дупка, која само би се зголемила доколку се намалат оптоварувањата на работодавците“, вели Николиќ.

Владата одлучи да ги намали и субвенциите за јавните претпријатија. Досега таму се одлеваа големи суми, а се работи за претпријатија кои немаа ни започнато со реструктуирање. Но, Николиќ предупредува дека укинувањето на субвенциите за некои фирми може да има катастрофален ефект. „Тоа би значело дека повеќе ќе ги немаме Железница на Србија или Србијагас, а тоа би значело илјадници работници без работа“, вели тој.