1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Белата панделка“ носител на Златната палма

Во Кан заврши годинешниот филмски фестивал. Златната палма ја доби филмот од германско-австриска копродукција.

default

Кан 2009

„Златната палма е доделена на „Белата панделка“ на Михаел Ханеке“, претседателката на жирито, Изабел Ипер не го криеше задоволството доделувајќи му ја најпрестижната филмска награда на австрискиот режисер.

Haneke und Jury in Cannes 2009

Ханеке и жирито во Кан

Ова е прва Златна палма и трета награда во Кан во кариерата на Ханеке. Со „Белата панделка“ тој потпиша еден прекрасен црно-бел филм што прави пресек на штетите предизвикани од ултра-репресивното воспитување, кое беше во мода во Европа на почетокот од ХХ-от век. Ханеке е навикнат на остар начин да го набљудува прашањето на злото и вината, откривајќи ги длабочините на душите со клинички студ.

„Понекогаш мојата сопруга ми поставува едно типично женско прашање: Дали си срќен? Тешко е да се одговори, бидејќи среќата е нешто ретко. Но сега можам да ти речам Сузи, дека ова е еден од најсреќните моменти во мојот живот“, беа првите зборови на Михаел Ханеке.

Емотивни реакции на актерите

Францускиот режисер Жак Одијар ја доби Наградата на жирито за неговиот филм „Пророк“. Филм за затворскиот свет, приказна за еден млад затвореник кој се учи на затворскиот живот, од каде излегува со статут на квази-пророк во светот на криминалците.

Internationales Film Festival Cannes 2009 Goldene Palme für Charlotte Gainsbourg

Актерката Шарлот Гензбург

Шарлот Гензбург видно возбудена од добиената награда за најдобра женска улога во филмот „Антихрист“ на данскиот режисер Ларс фон Триер, не ги криеше чувствата: „Мислам на татко ми, се надевам дека е горд и многу шокиран“, заклучи Шарлот Гензбург, мислејќи на полемиката што ја предизвика овај многу тежок филм за една брачна двојка која се повлекува во осаменост по трагичната загуба на нивното дете.

Наградата за машка интерпретација му припадна на Кристоф Валц, досега непознат за пошироката публика, кој е крунисан во Кан за неговата улога во филмот на Квентин Тарантино „Неславни копилиња“ во кој игра улога на СС офицер. „Ви благодарам на оваа исклучителна чест и уникатен момент во животот на еден глумец“, рече Валц не криејќи го задоволството од добиената награда.

Рене добитник на наградата за животно дело

На 87 годишниот Алан Рене му беше доделена Златна палма за целото негово дело, исклучителна награда прв пат доделена во Кан, пропратена со голем аплауз. Рене е реализаторот, кој остави трага во историјата на филмот со неговите дела „Хирошима љубов моја“, „Последната година во Мариенбад“, „Смокинг - Но, смокинг“ за кој ја доби Сребрената мечка на Берлинскиот фестивал во 1993 или документарниот филм за логорите на смртта „Ноќ и магла“.

Филипниецот Бријанте Мендоза ја доби наградата за режија со неговиот филм „Кинатај“, наградата за сценарио отиде во рацете на кинезот Лу Је „Ноќ на пролетно пијанство“ додека Парк Чан-вук за филмот „Тхирст, ова е мојата крв“ и Андреа Арнолд за „Fish Tank" ја делат наградата на жирито. Австралиецот Варбик Торнтон ја доби Златната камера за неговиот прв долгометражен филм „Самсон и Далила“ .

„Тажна сум што се’ завршува“

Jury Cannes 2009

Кан 2009

Вкупно девет од 20 филмови во официјална конкуренција за Златната палма заминаа од Кан со награди, што според претседателката на жирито ги изразува вкусовите на сите негови членови. Филмот „Белата панделка“ е типичен производ на фестивалот од Кан и сигурно дека нема да биде достапен за пошироката публика. Но, затоа „Пророк“ на Одијар, „Неславни копилиња“ на Тарантино и „Лудите треви“ на Рене ќе привлечат многу гледачи. Со празни раце од Кан се враќаат „Looking for Eric“ на Кен Лоуч и Алмадовар со „Скршени прегратки“.

Моментите поминати во Кан за многумина беа прекрсани, тоа се скапоцени моменти во животот на сите што работат со филмот. И во очекување на Кан 2010, зборовите на претседателката на жирито Изабел Ипер, најдобро го илустрираат чувството на крајот на еден ваков празник на филмот: „Тажна сум што се’ завршува“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска