1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Белата куќа реагира „ладно“ на барањето на Менинг

Американскиот војник Бредли Менинг има намера да бара помилување од американскиот претседател Барак Обама, а Белата куќа соопштува - барањето ќе биде разгледано како сите други.

Информантот на Викиликс, Бредли Менинг, сака да упати барање за помилување до американскиот претседател Барак Обама. Неговиот адвокат Дејвид Кумбс, по вчерашното изрекување на затворската казна за Менинг во траење од 35 години, рече: „Време е да се стави крај на страдањето на Менинг.“ Портпарол на Белата куќа, меѓутоа, на ваквите информации единствено прокоментира дека „барањето ќе биде разгледано како и сите останати“.

Барање за помилување на Менинг упатија и неговите поддржувачи. Тие на интернет страницата на Белата куќа ставија петиција од 6800 лица кои бараат помилување на информантот на Викиликс.

Менинг вчера беше осуден од Воениот суд во Форт Мид, во американската сојузна држава Мериленд, на казна затвор од 35 години. Во затворската казна ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор, во кој помина 1.294 дена, така што на слобода ќе излезе за нешто помалку од 32 години. Минатиот месец Менинг беше прогласен за виновен по речиси сите точки на обвинението, освен онаа најтешката – помагање на непријателот.

Менинг за време на судењето призна дека на Викиликс му проследил опсежна документација, но тврдеше дека не го направил тоа за да ѝ помогне на Ал Каеда, туку да покрене јавна расправа за американската надворешна политика. На рочиштето пред изрекувањето на казната, Менинг ѝ се извини на татковината ако со своите постапки ѝ нанесол штета.