1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без храброст за критики

Со голема помпа и сјај, НР Кина ја прослави шеесетгодишнината од основањето. Сепак, зад сето ова недостасува храброста кај кинеското раководство за критички поглед, дури и на сопственото минато.

default

Британскиот писател Џорџ Орвел ќе напише: „Оној кој ја контролира сегашноста, го контролира и минатото. А оној, кој го контролира минатото, ја контролира и иднината.“ Во Кина, Комунистичката партија ја контролира сегашноста. Следствено на тоа, го контролира и минатото. Тоа се забележува и на примерот со фигурата на Мао Це Тунг. Ширум земјата се реновираат неговите статуи. Во кината се прикажува како херој и спасител на Кина. Ваквиот разубавен поглед кон минатото ги заобиколува катастрофалните масовни кампањи, како на пример „Културната револуција“ или „Големиот скок напред“. Пред педесет години, во оваа најголемо гладување, предизвикано од човекот, умреа најмалку триесет милиони луѓе. Во Кина не се дебатира јавно за ова. Дури и за самите историчари е тешко да истражуваат и да издаваат материјали посветени на оваа тема.

На 1 октомври Народна Република Кина прославува шеесет години од нејзиното основање, а има и што да слави: во меѓувреме земјата се разви во трета најголема економска и трговска нација во светот, живее во добрососедство со своите соседи и добива се` поголем углед и влијание на меѓународниот паркет.

Недоверба кон сопствениот народ

Но, на прославата за шеесетгодишниот јубилеј, инсценацијата се заканува да биде далеку од реалноста. Кина се претставува како сила, со воена парада од неспоредлива класа. Но, внатрешно стравот за стабилноста е толку голем, што Пекинг од безбедносни причини ја забрани продажбата на кујнски ножеви, а на улиците се распоредени тешко вооружени војници.

60 Jahr Feiern in China Flash-Galerie

Оној кој ја контролира сегашноста, ја контролира и иднината?

Кина сака да се претстави себеси како среќна фамилија од повеќе народи. Но, пред денот на прославата, автономниот регион Тибет беше забранет за посети за странски туристи. Безбедносните мерки преземни за шеесетгодишнината од комунизмот во Кина, ги фрлаат во сенка оние што беа преземени за време на Олимписките игри.

И покрај сите колнења во „хармонија“ и „стабилност“, кинеското раководство и тоа како е исполнето со недоверба кон сопствениот народ. Нека имаат луѓето „вода и игри“ и ќе бидат задоволни и нема да отвораат други прашања.

„Голем економски скок напред“

Кина, меѓутоа, во последниве шеесет години постигна многу, на што може да биде горда. Нема друг пример во светот за економски подем каков што направи оваа држава во последниве триесет години. Стотици милиони луѓе се ослободија од апсолутна сиромаштија. И самата Светска банка призна дека Кина постигнала најголем успех во борбата против сиромаштијата. Голем исчекор се забележува и во кинескиот образовен систем. Преку дваесет милиони студенти студираат на универзитетите во земјата, која располага со најголемите девизни резерви во светот.

Сепак, раководството на Кина покажува изненадувачки низок суверенитет. На критиките не реагира со отменост на силните, туку со нервоза на слабите. Дисидентите се затвораат. Темните дамки во сопствената историја едноставно се „ретушираат“. Под вакви околности, прославите на плоштадот Тјенанмен звучат празно и горчливо.

Автор: Матијас фон Хајн / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска