1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Без фудбал на (не)определено време

Конфликтите од меѓуетнички карактер имаат последици и по спортот во Македонија. Редовното коло од Првата фудбалска лига, вчера (18.03) не се одигра.

Вчера во Македонија немаше прволигашки фудбал. Фудбалската федерација на Македонија се реши за одлагање на комплетното првенствено коло. Една од причините е и натпреварот со висок ризик во Тетово, меѓу Шкендија и Вардар. Кога би можело првенството да продолжи? За причините за ваквата одлука на ФФМ зборува комесарот за безбедност на лигата, Митре Трајковски:

„Пролетниот дел од првенството беше одложен поради меѓуетничките инциденти на подрачјето на Скопје и на Тетово. Одлагањето е направено во соработка со МВР, кое е единствен партнер во организацијата на првенствените натпревари. Имено, така гласат и препораките од УЕФА и ФИФА, така гласи и Законот за спречување на насилство на спортските натпревари. Како ФФМ решивме, додека не се создадат услови, натпреварите да не можат да продолжат.“

Mitre Trajkovski, Kommissar für Sicherheit in der Mazedonischen Fußballliga

Митре Трајковски

Превентивни или со сознанија за можни инциденти беа препораките од МВР за неодигрување на фудбалските натпревари? Портпаролот на МВР Иво Котевски за ДВ изјави:

„Кога до нас беше упатено барање за проценка за обезбедување на натпреварите, полициските службеници од секторот за внатрешни работи на Тетово извршија анализа. Врз основа на случувањата, на коишто за жал бевме сведоци во изминатиот период, беше проценето дека постои зголемен ризик од одржување на средбите во вакви услови,така што МВР во рамките на своите ингеренции и‘ препорача на Фудбалската федерација, дека во овој момент би било подобро решение доколку фудбалските натпревари се одложат за одреден период.“

Innenministerium Mazedonien

Во МВР се вели дека состојбата се следи

Во пресрет на одлуката за неодигрување на првенственото коло, ФФМ излезе со одлука за забрана на патување на навивачките групи на гостински терен. Истовремено, во интерес на нормално одигрување на натпреварот Шкендија-Вардар, направен е обид да се организира средба со претставници на клубовите и на навивачите. За Трајковски симптоматично е недоаѓањето на претставници на навивачите.

„Секторот за внатрешни работи на Тетово одржа состанок, но не дојдоа токму претставниците на навивачките групи. Со тоа се даде до знаење дека се можни инциденти!“

Кога би можело да се очекува продолжението на првенството? Котевски вели дека состојбата од страна на МВР се следи:

„Состојбата, генерално е прилично смирена. Не ја исклучуваме можноста дека одново може да ни се јават инциденти, но состојбата во изминатите неколку дена е подобрена. Така што, веројатно кога прашањето повторно ќе дојде на дневен ред и кога одново ќе биде побарано мислење од МВР, ќе направимме анализа на новонастаната ситуација и доколку процениме дека се создадени соодветни услови, ќе препорачаме натпреварите да се играат. Повторно ќе кажам, станува збор исклучиво за препорака, односно мислење на МВР, бидејќи МВР не се јавува како организатор - ни организира, ниту може да спречи одигрување на натпреварите“, објаснува Иво Котевски.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска