1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Без стратегија нема туризам во Охрид

Во Охрид привршува најслабата туристичка сезона во последниве две децении. Отсуствува сериозна стратегија која заеднички би ја спроведувале државата и локалната власт.

default

Од око може да се процени дека споредено со лани, годинава за близу 50 одсто е помала туристичката посетеност, а со тоа и прометот од туризмот остварен во јули и август. Меѓу охриѓани владее тотална разочараност. Во последен момент дел од хотелите ги симнаа цените, но не доволно да им парираат на околните морски дестинации.

Ерол Сулејманоски речиси две децении е во туризмот. Поседува синџир од кафетерии, ресторан, дискотека. Тој отворено признава дека ова лето треба што побрзо да се заборави: „Централната и локалната власт треба заедно да ги усогласат ставовите дека туризмот е важна гранка. Суетите да се тргнат на страна и да се работи. Вака ќе имаме уште полоши сезони, по кои не ќе можеме да врзeме крај со крај.“

Охрид мора да ја сопре нелојална конкуренција во туризмот

Panoramabild von Ohrid

Охрид

Скапите реклами и билборди, учеството на саемите поддржани од државата, за хотелиерите и локалната власт останаа без поволен резултат. Предвидувањата за лоша туристичка сезона беа присутни од стартот на оваа 2010, по глобалната економска криза која не ја одмина и Македонија. Но изостана обидот, на кризата туристичките работници да и се спротивстават организирано. Згора на тоа не уништи нелојалната конкуренција вели Сулејманоски: „Моја препорака е да имаме барем министерство за туризам, како сите развиени европски земји. Македонија е релативно неискористено подрачје за туристите. Со воведувањето на министерство за туризам ќе се направи голем чекор во спречувањето на нелојалната конкуренција. Ќе се постават стратешки цели и би требало туризмот да тргне напред од ова мртвило.“

Странците го сакаат автентичниот лик на Охрид

Panoramabild von Ohrid

Охрид

Соња од Скопје со години е редовна гостинка и ги критикува урбанистите: „Охрид треба да има лик на еден традиционален град, кадешто треба да се истакнат традиционални вредности, а не треба да има кич елементи. Странците бараат автентични, а не ефтини работи, а Охрид ги има доволно и не му се потребни дополнителни работи.“

Полоша сезона и дождлив јули не паметам вели Марија, која издава апартмани чија цена се движеше меѓу 25 и 30 евра: „Споредено со лани и предминатата година можам да речам дека посетеноста е помала за 30 до 40 проценти. И луѓето коишто бараат сместување се се’ попребирливи, ситничарат во некои работи.“

Пештанци, како и охриѓани допрва ќе размислуваат, каде потфрлија, смета Ивана: „Некои сметаат дека имавме помалку гости поради годинашните поплави. Можеби поради лошата инфраструктура, иако годинава и колекторот проработи. Во Лагадин пред и по Пештани се изградени нови вили, можеби е и поради тоа.“

Во најслабата сезона доминираа младите

Охрид не одлучил, ќе гради елитен или масовен туризам. Грдата слика на автобуската, буквалното напаѓање на гостите и тргање за ракав за да заминат кај нив, ниту неколкуте изречени казни не успеаа да ја поправат. Наспроти нив губат

Hotel Hotel Desaret Ohrid

Охрид

агенциите и хотелите кои работат легално. Прегласната музика, панаѓурот на плоштадот и кејот и натаму ги бркаат повозрасните гости, а во градот доминираат младите: „Клубовите и дискотеките беа преполни. Велат дека било криза, дека имало послабо гости. Нема врска. Младите трошат повеќе, бидејќи кога ќе излезат пијат повеќе, се шетаат подолго“, вели Драгана. Дека Охрид е рај за младите потврди и гостинката од Сараево: „Ноќниот живот и плажите се супер. Ова е туристички град и овдека ми е многу поубаво.“

Со убави впечатоци од Трпејца заминува и Ненад. По мајка е Македонец, а оваа населба ја открил дури лани: „Човек ако дојде на Балканот, а ја пропушти Македонија тоа е штета. Ако дојде во Македонија, а да не го види Охрид е многу жално, а ако дојде во Охрид, а да не ја види Трпејца, тогаш се’ промашил.“

За Охрид сезоната е дефинитивно промашена. Останува надежта дека конгресниот туризам од септември и по некоја залутана странска група гости ќе ја поправат лошата слика.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска