1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Без страв од фалсификување на изборите

Во Германија е строго регулиран текот на сојузните парламентарни избори. Така треба да се спречат изборни манипулации. Обидот за употреба на изборен компјутер засега е неуспешен.

„Изборниот процес во Германија е траспарентен во секоја фаза“, објаснува Клаус Печ од Сојузната изборна комисија. Таа е одговорна за организацијата и текот на изборите за Бундестагот и Европскиот парламент. За нешто да не тргне наопаку, однапред се преземаат мерки, вели тој за Дојче веле: „На пример, да ја наведам ситуацијата на гласачките места - во секое имаме осум до девет доброволни помошници“. На изборите в недела ќе бидат присутни околу 630 илјади изборни волонтери. Во Германија како доброволен помагач на изборите во својата општина може да се пријави секој со навршени најмалку 18 години. Но, и некој кој не се пријавил доброволно, може од својот град или општина да добие покана како помошник на изборите. Неа може да ја одбие само ако докаже оправдана причина.

Пред отворањето на избирачките места, помошниците на изборите проверуваат дали гласачките кутии, во кои подоцна ќе бидат уфрлувани гласачките ливчиња, се навистина празни. При гласањето тие се грижат за легитимирањето на гласачите и дали тие со себе ги носат изборните книшки, кои претходно им се испраќаат по пошта.

Волонтерите се грижат и за тоа врз гласачите при гласањето да не се врши влијание. Ако на пример членови на партија се обидуваат да придобијат уште некој глас, тие мора да реагираат. Самиот изборен волонтер се обврзува на непартијност. Тоа не значи дека изборните помошници не смеат самите да бидат членови на некоја партија, напротив, во секоја општина по можност треба да бидат земени во обзир застапените партии. Преку ваквата политичка плуралност се обезбедува непартискиот тек на изборите.

Klaus Pötzsch

Клаус Печ: изборниот процес е транспарентен во секоја фаза

Изборните волонтери треба да ги затворат избирачките места точно во 18 часот и гласовите да ги пребројат според точно утврдено правило, составувајќи записник. Резултатот од гласачките места се јавува во општинските изборни комисии, а од нив пак до регионалните изборни комисии“, објаснува Печ. Регионалните изборни комисии потоа ги проследуваат резултатите до покраинските изборни комисии, а тие до онаа на сојузно ниво.

Слаба точка - гласањето по пошта

Преку транспарентноста и контролните механизми во Германија се оневозможува фалсификувањето на изборите. По правило тоа успева, но Печ не сака со стопроцентна сигурност да гарантира дека во поединечни случаи нешто не оди погрешно.

Symbolbild Bundestagswahl 2013 Wahlkabine

Кабина на избирачко место

Подложно на манипулација во Германија е се‘ попопуларното гласање преку писмо, во градовите дури 30 проценти од избирачите со право на глас ја користат оваа можност. Изборните ливчиња во писмо можат лесно да бидат фалсификувани. Исто така, при овој начин не може во секој случај да биде гарантирана тајноста на изборите. Може да се случи некој негувател во старски дом да го пополни гласачкото ливче за својот штитеник или сопругот за својата жена. Во 2002. година на пример,во Дахау при локалните избори беше извршена манипулација, при што беа фалсификувани 400 гласови пристигнати по пошта. Измамата беше откриена само поради тоа што фалсификаторот постојано употребувал исто пенкало.

Гласањето преку комјутер во Германија е противуставно

И во Германија, слично како во САД и Бразил, беше употребен комјутер при гласањето. Тоа беше при изборите во 2005. година. Но, оваа практика Сојузниот уставен суд во 2009. година ја прогласи за неуставна. Причината е што гласањето мора да биде јавно, што важи и за пребројувањето на гласовите:

„Пропишано е секој одделен глас да биде гласно прочитан и јавно протоколиран. Овде волшебниот збор гласи: транспарентност“, објаснува Печ. Овде под јавност се подразбира тоа што секој може да биде присутен при пребројувањето на гласовите на избирачкото место. Ако по изборот постои сомнеж во исправноста, мора да постои можност за повторно пребројување на гласовите. А тоа, според одлуката на Сојузниот уставен суд, при употребата на изборни комјутери во Германија не е можно.