1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Без причина за славје

На 07.02.1992 година беше потпишан договорoт во Мастрихт - поранешната Европска заедница стана ЕУ, беше поставен темел за заедничката надворешна и безбедносна политика и беше договорено воведување на еврото.

default

Добрата силна германска марка беше укината, Европската заедница стана ЕУ, но министрите за финансии и сега од ноќта прават ден, но не за да слават, туку заради заканата - еврото е во криза. Толку длабока, што постои дилемата - дали ќе преживее бебето на Хелмут Кол, Франсоа Митеран и Жан Клод Јункер?

„Ова бебе, кое патем и не е веќе бебе, туку достигна постпубертетска зрелост, ќе ги преживее и надживее неповредено премрежијата на времето“, уверен е Јункер.

Плановите беа поинакви...

Татковците на еврото во Мастрихт меѓутоа имаа поинаква претстава за постпубертетската зрелост на своето чедо. Тогаш тие едноставно сакаа повеќе Европа, стремејќи кон заедничка надворешна и одбранбена политика, работејќи на европската интеграција и пред се’ на заедничката валута. Таа во тоа време немаше име, подоцна и’ го даде Тео Вајгел - значи еврото беше и негово дете. За да го заштити, тој склучи договор со единаесет министри за финансии од Европската заедница. Евро-државите не треба да трошат премногу пари, да бидат внимателни со долговите, да се грижат домаќински за буџетите. Тоа беше Вајгеловиот Пакт за стабилност.

Maastricht

Во Мастрихт се пишуваше европската историја

„Патем, кога го предложив Пактот за стабилност, прв се јави италијанскиот министер за буџет и изрази апсолутна согласност. Веднаш нешто ми беше сомнително, па му се јавив повторно да го прашам што точно мисли. Министерот беше сосем јасен и отворен - во италијанската внатрешна политика никогаш не би му успеало да спроведе намалување на дефиците, кои ги има до денес. Тоа е можно само со европски притисок“, рече Вајгел.

Пактот за стабилност на еврото никој не го почитуваше

Но, европскиот притисок не беше доволен. Пактот за стабилност на еврото не беше почитуван, дури и од Германија, правеше поголеми долгови од дозволеното - неказнето. Тоа го можеа и другите евро-земји. Пред се’ Грците, за кои денес сите велат дека воопшто не требаше ниту да бидат примени во еврозоната. Но, во 1992-ра година никој не размислуваше многу за Грција. Хелмут Кол и другите потпишувачи на договорот од Мастрихт мораа да бидат убедливи во сосем други точки.

„Најважното што можев да го увидам беа стравовите во многу области во Европа од губење на идентитетот на одделните народи, од губење на сопствената тежина, сопствениот лик, да се изразам подобро. Тоа воопшто не беше целта на Мастрихт“, рече Хелмут Кол.

Symbolbild Maastricht Defizitgrenze BIP 3 Prozent Defizit

Дефицит до три проценти од БДП, на што никој не се придржуваше

Уште пред 20 години во Мастрихт се дискутираше за истото за што се дебатира и денес - заедничка економска политика со поголеми компетенции за Европската комисија и Европскиот парламент. Но, за тоа немаше доволно мнозинство, никој не сакаше да се откаже од суверенитетот. Така, договорот остана мек и понуди дупки - Велика Британија и Данска не го прифатија еврото и ги задржаа фунтата и круната. Другите земји напротив гледаа предност во заедничката валута и пристапија во еврозоната, несвесни дека договорот од Мастрихт треба да се дополни преку фискален пакт. Тој е инаку изум на германската канцеларка Ангела Меркел.

„Еврото е повеќе отколку валута. Ако пропадне еврото, ќе пропадне и Европа! А, нам ни треба Европа, зашто само заеднички можеме да ги браниме нашите вредности“, нагласи канцеларката Меркел.

Заштита или неуспех, до денес тоа е темата која постојано се врти, 20 години по договорот од Мастрихт.

Автор: Сабине Хенкел/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски