1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без преголема надеж и очекувања

Израелците и Палестинците повторно седнаа на заедничка маса за да преговараат за мировно решение на деценискиот конфликт. Граѓаните во Израел и на палестинските територии меѓутоа се песимисти.

На преговарачката маса во Вашингтон се сретнаа израелската министерка за правосудство Ципи Ливни и пратеникот на премиерот Нетанјаху, Јицак Молхо од една страна и преставниците на палестинските автономни власти Саеб Ерекат и Мохамед Штајех, од друга. Тоа беше прв состанок на претставниците на Израел и Палестина во последните 3 години. Но очекувањата на двете страни не се особено големи. „Цинизмот кој го следи повикот на американскиот министер за надворешни работи, Џон Кери повторно да седнат на преговарачка маса, може делумно да се објасни со чувството- пробавме, не вредеше ништо...“, напиша израелскиот новинар Ури Дроми во својата колумна. Израелците и Палестинците, имено, неброено многу пати поминале низ фазата на започнување разговор. Секој пат тие започнувале со голема надеж и оптимизам кои меѓутоа, особено последните години, набрзо исчезнувале. „Но, подобро нешто отколку ништо. Полошо од ова и онака не може да биде. Во Бенјамин Нетанјаху не полагам никаква надеж. А сакаат ли Палестинците навистина мир? Навистина не знам“, вели студентот Гад Маркуса од Ерусалим.



Според истражувањата на израелскиот дневен весник Харец, спроведено изминатите денови, околу 55 проценти Израелци изразуваат подготвеност за договор со Палестинците. Истовремено, 70 проценти не верува дека е можен договор. Што се однесува до Палестинците, нивните очекувања се уште помали. Според наводите на палестинскиот Центар за политики истражувања, дури 69 проценти Палестинци не веруваат дека во наредните 5 години ќе се почитува решението, кое се огледува во постоењето на две држави. „Мнозинството е песимистично. Јас сум по природа оптимист, но со Израел се обидуваме да преговараме веќе 20 години, од 1994. година и искрено кажано, не очекувам дека овој пат ќе биде поразлично од порано“, вели Имад Муна, Палестинец, сопственик на книжарница во Источен Ерусалим.

Спорно пуштање на слобода на палестинските затвореници

Состанокот во Вашингтон представува вовед во нов почеток на мировни преговори. А тоа значи дефинирање на услови и предуслови, со чие исполнување преговорите би течеле без застои. Едно од спорните прашања беше ослободувањето на палестинските затвореници. Во текот на викендот е потврдено дека израелската влада ќе пушти на слобода 104 затвореници. На премиерот Нетанјаху му појде од рака да ги убеди членовите на кабинетот да ја поддржат оваа амнестија. Станува збор за затвореници на кои им е ускратена слободата уште во 1993. година поради терористички акции, а некои поради убиства се осудени на доживотна казна затвор.

Како што нагласи премиерот Нетанјаху „решението не било лесно за никого во владата, па така ни за него“. Меѓутоа, постојат моменти во кои за доброто на нацијата мораат да се донесат и тешки решенија“, рече шефот на израелската влада. Затворениците би требало да бидат на слобода пуштани постепено во наредните 9 месеци и зависно од напредокот на мировните преговори. Фактот е дека меѓу затворениците се наоѓаат и многу израелски Арапи, во Израел предизвика голем отпор. „Ниту една земја во светот не би пуштила убијци на слобода“, рече Нафтали Бенет, претседател на националната партија „Еврејски дом“. Тој не ја поддржа амнестијата за затворениците. Давајќи согласност за ослободување на затворениците, израелската страна го исполни главното барање на Палестинците, кои најавија дека на преговарачка маса ќе седнат само во случај ако од Нетанјаху добијат гаранција за амнестија на 104 затвореника.

Изготвување план за претстојните преговори

На првата средба во Вашингтон во понеделникот вечерта, 29. јули, израелската министерка Ливни и шефот на палестинската делегација Ерекат, направија работен план за наредниот период- недели и месеци. Двете страни нагласија дека деталите на планот мораат да бидат разработени, пред да започнат мировните преговори под посредство на САД. Деталите за работниот план не се познати. Палестинската страна во секој случај очекува почитување на границите поставени 1967. година и токму тие да бидат основа врз која ќе се одвиваат разговорите. Израел од Палестина очекува гаранција на безбедносен план. Главните спорни точки, враќањето на 5,3 милиони Палестинци во земјата и прашањето за Ерусалим ќе бидат оставени настрана на почетокот на разговорите .
„Шансите за успех на преговорите под овие услови не се преголеми. Но во оваа фаза најважно е двете страни да ја изразат својата согласност за продолжување на мировните преговори. Тоа е голем успех“, истакна Абрахам Дискин, професор на Еврејскиот универзитет во Ерусалим. И палестинскиот аналитичар Абдул Хади, слично размислува. „Сега е најважно да се врати изгубената доверба во политиката кај населението. На Палестинците им е доста од чекање, тие се фрустрирани и многумина од нив не веруваат дека нешто ќе се промени“. Двајцата се согласни дека најлошо би било, ако на крајот се случи „разговорите за разговори“ да протечат без јасни решенија.