1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Без пари и британска виза Миле Стојкоски ита кон Лондон

Миле Стојкоски на 15-ти март од Крушево го започна својот долг пат со инвалидска количка до Лондон, домаќинот на Олимписките игри. За да го заврши својот десетти ултра-маратон му требаат пари и поддршка од владата.

На 45 дена пред својата цел – Лондон, Миле Стојкоски стаса во Бон. Патот започнат во чест на Тоше Проески од Крушево до Лондон, долг три и пол илјади километри, тој планира да го мине со инвалидската количка за 133 дена. Стојкоски за Дојче веле објаснува дека најголемиот проблем на долгото патување се случил пред една недела.

„Минатата недела добивме негативен одговор од конзулатот на Британија, во врска со нашето аплицирање за визите. Одговорот беше негативен поради неприкажаната финансиска покриеност на нашиот престој во Британија“, вели Стојкоски. Тој очекувал да добие финансиска поддршка од македонската влада, но тоа не се случило. Владата им обезбедила логистичка поддршка преку амбасадите.

„За жал ние се’ уште немаме добиено одговор од нашата влада, која ни е покровител на овој настан. Целокупната логистичка поддршка благодарение на амбасадите низ 15 држави, каде што минуваме, е обезбедена, но ние меѓу другото побаравме и финансиска поддршка и бидејќи имаме еден автентичен начин за промоција на нашата држава, очекуваме дека за брзо време ќе го добиеме и одговорот“, вели Миле Стојкоски.

Mile Stojkoski Ultramarathon Rollstuhl

Стојкоски на ултра-маратонот го придружуваат двајца пријатели, кои се грижат за неговата безбедност на европските патишта.

Неуспех за сите

Тој не знае дали пред почетокот на Олимписките игри во Лондон ќе има организиран пречек на крајот од ултра-маратонот. Доколку не ја добие британската виза, неговото патување ќе заврши во Франција.

„Во случај да не ја добиеме визата за влез во Британија, тоа не би бил наш неуспех, туку неуспех на сите останати – неуспех на нашата држава, на институциите, на државата како граѓани, ме разбирате? Затоа што нашиот проект го подготвувавме подолго време, обзнанен е, сите го знаат, ги знаат нашите потреби... Она што јас треба да го сторам е да го изодам патот без ничија помош од минимум три и пол илјади километри до Лондон“, вели Стојкоски.

Тој објаснува дека за ова патување бил планиран тим од 15 члена, од кои дел требале да бидат на терен, дел во базата во Македонија како логистика, а дел како резервен тим. Но, поради необезбедените финансиски средства тимот се свел на три члена. Стојкоски на ултра-маратонот го придружуваат двајца пријатели. Проблеми со инвалидската количка на автопатите низ Европа до сега немало.

„Таков вид на проблеми до сега сме немале, затоа што од државите низ кои што минуваме побаравме меѓу другото и полициска придружба за нашето патување. Таму каде што ја обезбедивме полициската придружба се движевме по автопатите, а во Швајцарија и Германија не обезбедивме полициска придружба. И од таа причина бевме упатени да се движиме по споредни патишта. А, нашето возило со кое патуваме е зад мене како обезбедување“, објаснува Стојкоски за ДВ.

Mile Stojkoski Ultramarathon Rollstuhl

Ова е десетти ултра-маратон на Миле Стојкоски. Доколку не ја добие британската виза, тој семта дека тоа би бил неуспех за целата држава.

Инвалидизираните лица да ги кажат своите проблеми

Ова е десетти ултра-маратон на Миле Стојкоски, по првиот од 2004-та година од Прилеп до олимписка Атина. Тој преку маратонот сака да испрати порака до својата популација – да го следи неговиот позитивен пример и да ги искаже своите проблеми и потреби, за останатите да можат да и’ помогнат. Деталите од своето патување тој до сега ги изнесува во 8 блогови, а активен е и на социјалните мрежи. Стојкоски се надева дека владата ќе му помогне и оти по Холандија, Белгија, Луксембург и Франција ќе може да влезе и во Велика Британија.

Портпаролот на македонската влада Мартин Мартиновски за Дојче веле информираше дека Стојкоски на средбата со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски не поднесол формално, пишано барање. Министерството ќе разгледало дали на некаков начин ќе го помогне овој проект. „Тоа е во фаза на разгледување и одлуката ќе се донесе во зависност од можностите“, изјави портпаролот на македонската влада.

Тимот на Миле Стојкоски до Дојче веле достави поднесени барања до Агенцијата за млади и спорт и премиерот Никола Груевски. Барањето до Груевски за финансирање на ултра-маратонот е поднесено на 9 ноември 2011 година, а до Агенцијата за млади и спорт 15-ти февруари годинава. Четиринаесет дена подоцна нему му е испратен негативен одговор од Агенцијата за млади и спорт.