1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без милост за стариот политички систем на Грција

При сето олеснување околу брзото формирање на влада во Грција, Европа сега мора јасно да ги наметне своите барања за политичката елита во земјата. Коментар на Спирос Москову.

default

Секоја криза носи и шанси, дури и за несреќната Грција. Заканувачкиот банкрот, притисокот однадвор и социјалното незадоволство конечно внесоа разум во политичкиот систем. За само три дена по последните избори, Грција доби влада составена од три партии која во парламентот ќе располага со 172 од вкупно 300 пратенички места. Конзервативната Нова Демократија на Андонис Самарас, социјалистичкиот ПАСОК на Евенгелос Венизелос и Демократската левица на Фотис Кувелас можеа да направат коалиција и по претходните избори на 6. мај, но дури сега се согласија на тоа. Премногу експлозивно, во меѓувреме, стана незадоволството на избирачите, премногу заканувачка опасноста за банкрот на државата и премногу незапирливо јакнењето на радикалниот левичарски сојуз на Алексис Ципрас.

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou

Спирос Москову

  Прашањето сега гласи дали и евентуално како оваа коалиција ќе биде во состојба да ги реши финансиските, а во меѓувреме и социјалните проблеми на државата. Новата влада има намера да продолжи со политиката на штедење и спроведување на неопходните реформи. Меѓутоа мора да се потсети дека две од сегашните владини партии, во парламентот ги отфрлија големите пакети за штедење по избувнувањето на кризата во 2010. година- Нова Демократија еднаш, а умерената левица дури двапати. Самиот Самарас до пред една година изгледаше уверен дека политиката на штедење е погрешен пат. И веќе во наредната недела покрај премиерот Самарас на самитот на ЕУ планираат да патуваат и Венизелос и Кувелас за да го постигнат најдобро можното „за грчкиот народ“.

Притоа веќе сега се знае што донекаде е остварливо, а што не. Со оглед на застојот во спроведувањето на реформите и истовремената рецесија на грчката економија европските партнери веќе претпазливо сигнализираа дека би можеле да и’ излезат пресрет на Грција околу временскиот план за реформите. Но од коалициските разговори протекоа и други индиции. Многу нешта упатуваат на тоа дека новата влада преку нови ветувања за справување со корупцијата или пак со затајувањето на данок сака да издејствува компромиси од меѓународните доверители, кои потоа ќе ги претстави како плодови на нејзините непопустливи „нови преговори“. А во случај, да не оствари ништо од тоа, повторно вината ќе биде кај „другите“.

Меѓутоа кој ја спречува грчката влада всушност убедливо да се справи со корупцијата и затајувањето данок и дури потоа да бара копромиси од нејзините кредитори? И зошто владата на ПАСОК по 2009. година или пак преодната влада на Пападимос, кој од ноември 2011. година владееше со поддршка на ПАСОК и Нова Демократија не постигнаа никакви спектакуларни резултати во справувањето со корупцијата и затајувањето на данок. 

При сето олеснување околу брзото формирање на влада во земјата на потекло на демократијата, Европа сега мора јасно да каже: да за олабавување на временските рокови за реформите во Атина, да за импулси за поттикнување на економскиот раст, да за конкретни мерки кои ќе бидат во полза за послабите слоеви на општеството - но без милост повеќе за стариот политички систем на Грција.