1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без летови цел викенд?

Вулканската пепел од Исланд се заканува да го блокира воздушниот сообраќај во Германија и големи делови на Европа во текот на целиот викенд. Илјадници патници се заглавени на аеродромите.

default

Хаосот на европските аеродроми продолжува

Небото над Германија останува затворено сигурно до два часот изутрина во недела. Речиси целосно се затворени воздушните простори и над Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија, Данска, Естонија, Литванија, Полска, Чешка, Романија, Унгарија, Словачка, Австрија и Швајцарија. Финска е првата земја која официјално даде забрана за летање до недела. Италија, исто така, издаде наредба за делумно затворање на небото, од 6 до 18 часот денеска, и тоа во северниот дел на земјата.

Дневни загуби од 200 милиони долари

Властите на Шведска и Норвешка, пак, во меѓувреме, повторно дадоа дозвола за летови во северните делвои, но дозволата содржи ограничувања. Како што се вели, во овие две земји концентрацијата на пепел во воздухот е намалена.

Во Европа, во нормални услови, дневно има по околу 28.000 летови. Вчера две третини од овие летови не беа реализирани. Меѓународниот сојуз на воздухопловни компании проценува дека компаниите бележат загуби од повеќе од 200 милиони долари дневно. Затоа, пак, останатите видови сообраќај, од вчера се преоптоварени. Патниците кои патуваат на пократки релации користат автобуси, возови, рент-а-кар и бродови.

Нема добри вести од Исланд

Надежите дека денеска од Исланд ќе дојде вест која ќе значи почеток на подобрување на состојбата, не се остварија. Вулканот и денес исфрли огромен облак со чад и пепл во атмосферата. Метеоролошкиот институт во Рејкјавик соопшти дека во текот на ноќта не се забележани промени на активноста под глечерот Ејафјала. Ветрот вее кон југ, што значи дека го носи облакот со пепел во насока на европскиот континент.

Надлежните служби ги затворија воздушните простори во европските заемји затоа што во пепелта има честички од песок, камења и стакло, што е многу опасно за авионите. Тие можат не само да ги оштетат површините, туку дури да доведат и до привремено или потполно запирање на моторите.

Автор:ЕМФ/СН/дв/дпа

Редактор: Симе Недевски