1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Без изненадување во финалето на купот

Баерн во машка, и Франкфурт во женска конкуренција се очекуваните победници на Фудбалскиот куп на Германија. „Сламка за спас“ за Нирнберг - победа против Волфсбург во преигрувањето на прекинатиот првенствен натпревар.

default

Радоста на победникот: голманот на Баерн Оливер Кан со победничкиот пехар

Фаворитот од Минхен по тешка борба и дури во продолжението дојде до првиот од посакуваните три трофеи во оваа сезона. Борусија Дортмунд беше достоен противник. Раното водство на Баерн (во 11-тата минута) како уште повеќе да ги мотивира играчите на Борусија, кои ионака немаа што да загубат: учеството во Купот на УЕФА им е фактички гарантирано, оти Баерн најверојатно ќе биде учесник во Лигата на шампионите, па поразениот финалист го презема местото за победникот на германскиот куп во Купот на УЕФА.


Головите на Тони и одбраните на Кан пресудни


Напаѓачкиот фудбал и сите напори на Борусија беа наградени со изедначувањето преку Петриќ на самиот крај од регуларниот тек. Тоа внесе дополнителна драматика во финалето. Победата на Баерн му ја донесе Лука Тони, стрелец на обата гола. Патем, тоа беше четврти пат во последните 4 средби како Тони постигнува по два гола на натпревар. Неговата снаодливост пред противничкиот гол беше пресудна во продолжението - од една мешаница падна одлуката. Тој гол беше 35-ти погодок на италијанскиот интернационалец во дресот на Баерн во средби со натпреварувачки карактер!

Голманот на Баерн Оливер Кан го спаси својот тим со чудесна одбрана во последните моменти од продолжението, како и неколку пати претходно во текот на средбата. Од свој агол тој вака ги опиша настаните од завршницата: „Ако вакво нешто често се доживува, стануваш робустен - едноставно продолжуваш понатаму. Имавме уште половина час, но и среќа на нашата страна“.


Хицфелд безусловно го посакуваше трофејот


За Кан ова беше шести триумф во германскиот куп, за Баерн вкупно 14-ти, а за тренерот Отмар Хицфелд, кој по крајот на сезоната го напушта Баерн и ќе го преземе водењето на репрезентацијата на Швајцарија, 16-та титула освоена со екипите што досега ги водел.

„Се разбира, убава разделба е кога можеш уште еднаш да бидеш со тимот овде во Берлин. Ние моравме во оваа сезона да ја освоиме титулата во Купот, оти ако загубевме, ќе немав веќе повторна шанса во наредната сезона. Се радувам“, рече Хицфелд. Тој оцени дека натпреварот бил драматичен, со сите содржини што се потребни, дека тимот од Дортмунд силно се борел и заслужил дури теренот да го напушти и како победник. „Натпреварот беше отворен, но на крајот ние бевме среќниот победник“, зборуваше Хицфелд по средбата.


Франкфурт - освојувач на Купот во женска конкуренција


Атмосферата на стадионот во Берлин беше величествена, трибините исполнети до последното место, 73 илјади гледачи на крајот сосем задоволни од финалкната претстава. Претходно тие видоа ревија од голови во финалето на Купот за жени, во кое фаворитот ги оправда очекувањата. Навистина, Саарбрикен поведе со 1 спрема 0, неговиот голман одбрани и пенал, но потоа Франкфурт покажа зошто е толку доминантен во подолг период во женскиот фудбал во Германија. Уследи серија од пет голови, за повеќе од убедлива победа со 5 спрема 1.


Нирнберг го надигра Волфсбург во преиграниот натпревар


Поради финалето на Купот, се разбира, прволигашите паузираа овој викенд. Но, не сите. Нирнберг и Волфсбург го преиграа натпреварот кој беше прекинат пред една недела поради невозможните услови на теренот преплавен со вода. И повторената средба заврши со резултатот со кој беше прекината претходната - 1 спрема 0 за Нирнберг.

„Конечно сме наградени со еден гол, за што лично му оддавам признание на Јан Колер. Екипата потоа се бореше да го одржи резултатот. Мислам дека е о-кеј, ние заслужено сме победници“, рече тренерот на Нирнберг Томас фон Хезен. Противничкиот тренер Феликс Магат е согласен со таквата оцена: „Нирнберг од почетокот повеќе инвестираше во средбата, беше надмоќен, беше подобар тим. Ние имавме среќа што уште во првото полувреме не беше направена разлика. Нирнберг заслужено победи“.

За домаќинот тоа е како сламка за спас, оти сега е претпоследен, на само два бода до местото што обезбедува опстанок. Со победа в сабота против директниот конкурент Арминија Билефелд, Нирнберг може и да стигне до таму. Но, борбата за опстанок, се чини. ќе трае до последното коло.

►◄