1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Без изгледи да се намали цената на нафтата

Цената на нафтата од месец на месец ги пробива рекордите. Ако барел нафта пред нецели 10 години чинеше 10 долари, годинава за првпат ја мина границата од 100 долари без да се види крајот на тој процес.

default

Прашањето е: до кога ќе бидат одвртени славините?

Причини за перманентното зголемување на цената на нафтата има повеќе. Една од основите е побарувачката. Потребите од нафта во светот континуирано растат. Нафтата е погонот на економијата, а таа напредува во многу делови во светот. Дора Борбели, експерт за суровини од Дека банката: „Пред се побарувачката од земјите во забрзан развој и натаму многу динамично расте. Меѓутоа, и побарувачката во индустриските земји како Јапонија и на просторот на Европа. Единствениот регион каде што гледаме слабеење на побарувачката се САД„.

Вујко Сем додуша и натаму троши повеќе нафта од која и да е друга држава. Меѓутоа, остатокот од светот го стигнува. Од тие прични жедта за нафта расте, а производството не може да го држи чекорот. Количествата нафта имаат крај, а нејзиното црпење голем бизнис. Затоа постојано има проблеми: „Сега имаме намалување на производството во Нигерија. Потоа намалување на производството во Северното Море, така што побарувачката и натаму е поголема од понудата„.

И времето игра улога. Ако преку Мексиканскиот залив минуваат урагани, веднаш се забрзува поскапувањето. Обратно, цената останува иста ако се открие ново големо нафтено поле, како неодамна во Бразил. Нафтата таму најнапред мора да почне да се црпи, а тоа ќе потрае.

Шпекулациите и финансиската криза, покрај таканаречените фундаментални причини, секако играат улога на пазарот за суровини. За ова Дора Борбели вели: „На пазарот за нафта има шпекулации. Од пред околу една година, шпекулантите се обложуваат на растењето на цените„.

Меѓутоа, шпекулациите учествуваат само со мал дел во цената. За експертката Борбели, потешки последици има финансиската криза. Поради неа се намалува довербата во пазарите за акции, па црното злато станува најсигурен влог. Инвеститорите ги вложуваат парите во нафта, што дополнително ја качува цената.

Голем дел од нафтата се црпи во ризични подрачја. На пример, на Блискиот исток. Војни или терористички напади врз нафтоводи влијаат врз производството, на што пазарот е многу чувствителен. Нафтата станува поскапа. Меѓутоа, цената не се покачува дури тогаш кога се пука или бомбардира. Доволна е опасност дека би можело да дојде до воен судир: на пример САД да го нападнат Иран и пазарот тоа да го вреднува како ризик што веднаш би ја качило цената.

Кога се ќе се собере, за жал не може да се смета на тоа дека цената на нафтата ќе падне во догледно време. Напротив, оценува експертката за суровини Дора Борбели: „Мислам дека и во наредните години трендот ќе се движи нагоре„.