1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без знаење германски, нема интеграција

На средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со турскиот премиер Реџеп Ердоган на врвот на агендата биле темите за проширувањето на ЕУ, интеграцијата на Турците во германското општество и нуклеарниот спор со Иран.

default

Ангела Меркел и Реџеп Таип Ердоган

Проширувањето на ЕУ и шансите на Турција за полноправно членство беше темата за која Меркел и Ердоган посветија најмногу време. Германската канцеларка досега во повеќе наврати изјавуваше дека Турција треба да добие привилегирано партнерство, а не полноправно членство, што за Ердоган е еднакво на навреда на неговата земја. Во Анкара, Меркел рече дека ги разбира неговите чувства за оваа тема. Притоа таа воопшто и не го спомена привилегираното партнерство во Анкара.

„Сега разбирам дека во Турција, привилегираното партнерство не се сфаќа во позитивна конотација и не наидува на добар оддек. Ние сметавме дека овој специјален однос ќе биде многу подобар, од оној кој го имаме со многу други земји. Во секој случај имаме еден отворен процес, кој германската влада го поддржува“.

Меркел потенцираше дека напредокот на Турција кон Унијата ќе зависи од отворањето на пристаништата и аеродромите за бродовите и авионите од Кипар.

Турскиот премиер реагираше воздржано на барањето на Меркел, неговата земја да поддржи нови санкции против Иран поради неговата нуклеарна програма. Ердоган се залага за дипломатско решение на спорот и потсети дека и други земји на Блискиот Исток имаат нуклеарно оружје, па никој не им се заканува со санкции.

Türkei Deutschland Angela Merkel in Ankara bei Recep Erdogan

Пријателство и покрај разликите

Заеднички јазик за спорната тема

Двајцата премиери успеаја да најдат заеднички јазик и околу темата за отворањето училишта на турски јазик во Германија. Ердоган ја отвори оваа тема пред неколку дена, но официјален Берлин експресно ја отфрли идејата, оценувајќи дека таа не придонесува за интеграцијата на Турците во германското општество.

„Она што е јасно е дека не може некој да живее во Германија без да го знае германскиот јазик, но можат да се учат двата јазика. Јазикот на земјата во која се живее е предуслов за квалитетна интеграција. Тука не се работи за асимилација и тоа не е нашата цел. Се разбира дека секој има свои корени, религија и култура, но кога некој веќе трета или четврта генерација живее во земјата, тој треба и да се интегрира. Треба да се овозможи активно учество во германското општество без притоа да се бара од нив да ги заборават своето минато и својата култура“.

Посетата на Меркел на Турција денеска продолжува на турско-германскиот економски форум во Истанбул.

Автор: Сабине Адлер/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM