1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Без земјите во подем нема излез од кризата

Во Вашингтон заедничко решение за кризата и последиците од неа ќе бараат државниците од најразвиените индустриски држави. Но овојпат збор ќе имаат и земјите во развој. Излезот од кризата е незамислив без нив.

default

Западот ќе мора да најде заеднички јазик со земјите во развој

Кризата ги погоди сите и им ги отвори очите: потребна е заедничка стратегија, како што рече германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер: „Во секој случај, сите се свесни дека кризата на меѓународните финансиски пазари може да се совлада само ако бидат вклучени и новите играчи на меѓународната сцена, се мисли на новите центри на моќ во светов“ - изјави министерот за Дојче Веле. „Потребни ни се правила што ќе бидат прифатени насекаде и поради тоа е поголем кругот на поканетите отколку кај Г7 или Г8“ - додаде тој.

Земјите во развој се подготвени да соработуваат

Земјите во подем - Бразил, Русија, Индија, Кина, потоа оние со муслимански белег како Турција, Индонезија, Саудиска Арабија и државите од Заливот, па Јужна Африка - сите тие имаат ресурси примамливи и за најразвиените. Со ова се сложува и Гу Хсуеву, професор по политика на универзитетот во Бохум: „Земјите во подем располагаат со огромни девизни резерви - најголеми во светот има Кина. Второ, стопанската глобализација во голем обем засега земји како Индија, Бразил и Кина. Позитивен знак е што се тие поканети. Тие не можат да придонесат за супстанцијално решение, но им се потребни на индустриските земји за спроведување на пакетите за спас што ќе бидат договорени“ - изјави тој.

Montage zur Ablehnung des Finanzrettungspaketes USA

Вашингтон - местото каде во сабота повторно ќе се кројат планови

Земјите во подем последните години покажаа дека имаат голем потенцијал за пораст и истовремено поставија високи аспирации и во политичката сфера. Мора да се земе предвид самоуверениот настап и силната волја на тие земји на рамноправно ниво да соработуваат со индустриските држави, смета Франк-Валтер Штајнмаер.

Кина гледа сеир

Но, и кризата не е сосем без идеолошки белег. Комунистичка Кина, на пример, со насмев гледа на мерки како подржавување, што преземаа некои капиталистички земји. Тоа се мерки со социјалистички карактер, се вели во Пекинг. „Сите западни индустриски земји, а најпрво САД, мора да прифатат критика дека спроведуваа незауздан капитализам, со години покажуваа на земји во подем како Кина и со кренат прст велеа - никаков социјализам, никако држава. Мислам дека веќе ја нема моралната надмоќ на индустриските држави, како пред финансиската криза“ - укажа Аксел Берковски од Центарот за европски студии во Брисел.

По стопанската глобализација следува политичко приближување. Континуираната финансиска криза сите земји ги стави на тешко искушение. Едни сакаат да се спасат, други сакаат да се профилираат.