1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Без Европарламентот - заштитната клаузула опасна за Балканот!

Ако за заштитниот механизам последниот збор го има Советот ЕУ, а не Европарламентот, суспендирањето на безвизниот режим кој е во процедура, ќе оди многу брзо, во разговор за ДВ подвлекува, европратеничката Тања Фајон.

ДВ: Госпоѓа Фајон, Вие сте известувач за визите во Комитетот за правда и граѓански работи на Европскиот парламент. Колку навистина е реална заканата за укинувањето на безвизниот режим за граѓаните на Македонија?                                                                                                    

Фајон: Заканата за суспендирање на слободниот визен режим денеска, утре или задутре не е вистински реална зашто во Европската унија се’ уште не постои потребниот механизам за ова. Значи, доколку некоја земја членка побара повторно воведување визи за граѓаните на Македонија, би требало да се менува целата легислатива, а тоа е долг процес. Но, во Европскиот парламент, заедно со Советот и Комисијата сега разговараме за предлогот за механизам за суспендирање на слободниот визен режим. Кога ќе се усвои тој механизам, тогаш заканата за суспендирањето на слободниот визен режим ќе биде вистинска и реална. Затоа кажувам дека властите и граѓаните треба да направат се’ за да се спречи непочитувањето на мерките и да се намали бројот на лажните азиланти кои доаѓаат во Германија, во Швајцарија, Белгија, Холандија, Шведска и тн.

Процедурални одлуки

ДВ: Велите се разговара. До каде е стигната процедурата околу заштитната клаузула и што е спорно за земјите членки на Унијата?                                                 

Фајон: Минаа две години откако предлогот на Комисијата е на маса. Тој механизам не е само за Западниот Балкан, туку и за сите други земји кои се во безвизниот режим. Проблемот е во тоа што имаме неколку отворени прашања и Парламентот бара да има поголема улога во одлучувањето. Идејата е кога некоја земја членка на Унијата бара суспендирање на безвизниот режим целата процедура да оди преку Европскиот парламент за да не се случи тоа да се искористи како политички мотив, било во предизборните кампањи, или во непогодна ситуација со емигрантите или економијата. Треба да имаме многу силни заштитни механизми со кои  Европскиот парламент би имал сила да ја спречи бараната суспензија.

Flaggen vor dem Europäischen Parlament Handelsausschuss Symbolbild

Нејаснотии: кој, кога и како повотрно би ги вратил суспендираните земји во слободен безвизен режим?

ДВ: Кога очекувате да биде усвоен овој заштитен механизам?

Фајон: Притисокот на земјите на Унијата е многу голем поради целата состојба во Европа: финансиска, економска, социјална, морална, луѓето немаат работа и властите стравуваат од  притисокот од надвор. Мислам дека тој механизам веројатно и брзо ќе биде усвоен и поради други причини. Има голем број земји кои бараат безвизен режим и властите во Унијата не сакаат повторно да ја отворат вратата без да го имаат тој заштитен механизам. Поради ова усвојувањето на тој заштитен механизам го очекувам можеби не пред годишните одмори, но многу скоро. И тогаш заканата станува реална за сите земји од Западниот Балкан, особено за Србија и за Македонија кои имаа најголем број баратели на азил во изминатиов период.

ДВ: Значи ли ова дека кога механизмот ќе биде усвоен, една ЕУ држава, еве на пример Германија, самата ќе може да донесе одлука за укинување на  безвизниот режим?                                                                                   

Фајон: Процедурата е следна. На пример ако во Германија има алармантна ситуација, ненадејно зголемување на барателите на азил од една земја, таа (Германија) ќе побара од Европската комисија да се разгледа состојбата. После тоа одлуката зависи од мнозинството во Европскиот совет. Просто мнозинство ќе биде доволно за донесување одлука за привремено суспендирање на слободниот визен режим за една или повеќе држави од Западниот Балкан. Ова би било вака доколку се усвои механизам кој нема да му даде поголема улога и право на Европскиот парламент да одлучува за ова. Во тој случај одлуката на Европскиот совет би можела да биде многу брза. За само неколку недели би имало суспендирање. Затоа сметам дека е многу важно за ова прашање поголемо влијание да добие Европскиот парламент. Но, искрено стравувам зашто и денес постои тоа мнозинство на земјите од Унијата кои уште веднаш би побарале суспендирање на визниот режим за една или друга земја. Сигурно се сеќавате  дека во минатото имаше повеќе писма на  Франција, Холандија, Германија, Луксембург, и сега, пред некоја недела повторно од Германија, Холандија, Австрија така што стравувам дека потребното мнозинство веќе постои и сега!     

Нејаснотии околу враќањето по старо

ДВ: Колку време би траело суспендирањето? Има ли некој рок и како би следело повторното враќање на либералниот визен режим?

Фајон: Суспендирањето е најпрво за шест месеци, со можност за продолжување за уште девет месеци. Што потоа - е вистинско прашање. Како земјата повторно ќе се врати во безвизниот режим? Кој ќе го направи тоа? Стравувам дека во тој случај постои голема опасност  Унијата да не бара само привремено суспендирање на безвизниот режим, туку и ставање на земјата на т.н. црна шенгенска листа. Тоа е најцрното сценарио. Се надевам дека реалноста ќе биде онаква како ја кажува Европската комисија -  дека нема никогаш да се послужиме со овој механизам. Но, објективната  ситуација во Европа денеска е поинаква. За жал! Поради тоа луѓето мора да знаат дека е опасно, дека треба да се почитуваат правилата за движење, зашто тоа е единствен  аргумент со кој мораме да работиме.

ДВ:Македонските баратели на азил постојано се ставаат во еден „пакет“со оние од Србија иако Македонија презеде сериозни мерки и бројот е значително намелен. Зошто е вака? 

Фајон: Не станува збор за „пакет“, туку имаме редовни извештаи на ФРОНТЕКС во кои има јасни бројки и тука Србија и Македонија беа на топ листата по бројот на лажните азиланти. Во зима луѓето бараат некаков престој  и тоа најчесто во Германија и во земјите каде системот на азил е „љубезен“, каде можат да

Mazedonien Reisepass

Најпрво шест, со можност за уште 9 месеци суспендирање на визите е планирано со заштитниот механизам!

останат и до половина година, каде добиваат пари, па потоа се враќаат дома побогати отколку кога заминале. Тешко е да се казнуваат луѓето, но треба да знаат дека безвизниот режим не значи  право на работа и право на престој. Од друга страна и Европската унија треба да направи повеќе. Нема заеднички систем за азил. Има земји кои имаат долги процедури, особено за Западниот Балкан. Би требало процедурата да се скуси. Вака направија Австрија, Белгија и Луксембург кои ја скартија процедурата за барателите на азил од Западниот Балкан. Некои ги ставија земјите и на листата на безбедни земји зашто веќе се во процес на доближување кон Европската унија и поради тоа процедурите се куси и луѓето едноставно не одат таму! Тоа е едно од решенијата и препораките кои ги даваме.

ДВ: Која од европските држави најмногу го подгрева ова чувствително прашање и инсистира на заштитниот механизам за укинување на слободниот визен режим?   

Фајон: Не би сакала сега со прст да посочам оваа или онаа земја... Знаеме каде е состојбата најалармантна  и каде се проблемите. Факт е дека земјите се загрижени и дека и дека сите треба да направиме повеќе.

ДВ: Колку Европската унија со свои проекти во земјите од Западниот Балкан и конкретно во Македонија, може да помогне барателите на азил да останат онаму каде се - дома?      

ФАЈОН: Навистина е важно прашање поради што луѓето заминуваат? Сигурно дека заминуваат зашто најчесто се принудени. Бараат некаква работа и подобар живот. Кога зборуваме за барателите на азил во прашање се најчесто претставници на малцинствата, најчесто Роми. Властите од регионот мора да создадат некакви услови за нормален живот на секој поединец. Тој процес и Европската унија не може да го реши преку ноќ. Потребни се долгорочни проекти, каде ќе се инвестираат пари, каде ќе се создадат услови со кои граѓаните би имале достоинствен и нормален живот. Ова важи и за Македонија!                                                                  

Поврзана содржина