1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Без договор, но со надеж за договор

Седницата на ад хок Комисијата за настаните од 24. декември со работа ќе продолжи утре, изјави претседателот на Комисијата во оставка професорот Давитковски, нагласувајќи дека е оптимист оти решение ќе се најде до петок

„Се договоривме да продолжиме со работа утре. Јас и странскиот експерт ќе имаме одделни средби со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Преговорите продолжуваат и некои детали треба да се прецизираат утре на одделните средби, а ако има потреба и во четврток и на заедничката средба во петок да се заврши работата“, изјави Давитковски по средбата.

На новинарско прашање дали странските експерти имаат ставено предлог на маса за двете страни, Давитковски децидно одговори дека такво нешто нема.

Borce Davitkovski

Давитковски

„Јас сум оптимист. Неслучајно четири-пет часа седиме тука и бараме решение. Мислам дека решение ќе се најде“, рече Давитковски.

На новинарско прашање во кое својство присуствувал на средбата, Давитковски рече дека е во својство на претседател на Комисијата во оставка. „Ме замолија и јас дојдов во интерес на државата и на граѓаните на Македонија, да се продолжи и да се заврши работата. Сакам дапомогнам и да излеземе до овој ќор сокак“, нагласи тој.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски очекува резултат од седницата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24. декември, на која ќе присуствуваат и тој и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Очекувам резултат од дијалогот и се надевам дека СДСМ ќе ја препознае важноста, пред сѐ за државата, од успешното завршување на овој дијалог, ќе ги надмине теснопартиските интереси и ќе успееме во наредните четири дена да дојдеме до решение. Останува да видиме што ќе се случи“, изјави денеска премиерот Груевски во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ при МАНУ, каде беше отворена лабораторија за геномика и протеоника.

Лидерот на СДСМ пред седницата изјави дека неговата партија ги исполнила своите обврски од првомартовскиот договор.

„СДСМ ги исполни своите обврски од првомартовскиот договор. Очекувам овие денови Комисијата да продолжи да работи и да донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања и прекршувања на законите на Собранието“, рече Заев.

Покрај Груевски и Заев и членовите на Комисијата, на седницата присуствуваа и шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го поздрави присуството на лидеритена партиите на денешната седница на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24. декември, сѐ со цел, како што велат од неговиот Кабинет, да се усвои извештајот на Комисијатаи да не се доведе во прашање европската перспектива на Република Македонија.

Груевски и Заев на вчерашната средба се договорија крајниот рок за постигнување согласност да биде пролонгиран до петок, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.

Пред речиси еден месец оставка на функцијата претседател на Комисијата даде професорот Борче Давитковски, поради, како што рече, неможност да се постигне согласност за конечниот извештај од работата на Комисијата. Во Комисијата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ имаат делегирано по двајца членови.