1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без договор меѓу двете Кореи за заедничкиот индустриски комплекс

На повидок се натегања меѓу Јужна и Северна Кореја околу повторното отворање на заедничката индустриска зона во Кесонг. Двете страни принципиелно се согласни за такво нешто, но си поствуваат и бројни услови.

Денешните преговори меѓу Северна и Јужна Кореја за обновување на активностите во заедничката индустриска зона Кесонг завршија без договор, но двете земји се согласија повторно да се сретнат наредната недела во севернокорејско погранично гратче Панмунџом. Јужнокорејската страна побарала јасно ветување од соседна Северна Кореја дека во иднина повеќе нема еднострано и без координација со Сеул да го затвора заедничкиот индустриски комплекс во пограничниот севернокорејски град, изјави портпаролка на јужнокорејското министерство за национално обединување. Двете страни во минатиот викенд принципиелно се договорија за обновување на производството во Кесонг.

Специјалната индустриска зона сместена на границата меѓу двете земји, беше затворена во април годинава кога властите во Пјонгјанг им забранија на севернокорејските работници да одат на работа во фабриките на 123 јужнокорејски компании во Кесонг, по што тие беа принудени да ги затворат погоните.

Работни места за преку 50 илјади Севернокорејци

Северна Кореја се реши на ваквиот чекор во знак на протест поради оддржувањето на заедничките американско-јужнокорејски воени вежби. Во време на затворањето на комплексот, односите меѓу Сеул и Пјонгјанг беа затегнати и поради третиот нуклеарен тест што Северна Кореја ја изведе во февруари.

Сеул и Пјонгјанг во меѓувреме изразија желба Кесонг повторно да проработи, но засега се' уште разгледува начинот како тоа да се направи. Претставници на јужнокорејските фирми што работеа во заедничката индустриска зона денеска го посетија комплексот и извршија инспекција на опремата за која беа загрижени дека може да е уништена за време на сезоната на дождови.

Кесонг се темели врз јужнокорејско знаење и евтината севернокорејска работна рака. Фабриките во овој последен голем заеднички корејски проект, каде беа вработени над 800 Јужнокорејци и околу 53.000 Севернокорејци, остваруваа годишен приход од околу две милијарди долари.