1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Без германско-француски договор, еврозоната ита кон амбис

Напорите да се најде решение за европската должничка криза се во хаос поради неуспехот на Германија и Франција да најдат заеднички јазик околу начините за излез од кризата.

default

Ангела Меркел и Никола Саркози

Канцеларка Ангела Меркел денеска инсистираше дека Германија и Франција постигнале начелен договор околу клучните точки на планот за излез од финансиската криза, но постојат сомневања дека двете земји се многу далеку од договор. 

Самитот на ЕУ закажан за в недела требаше да донесе сеопфатен план за конечен излез од должничката криза, рефинансирање на грчкиот долг, зајакнување на европските банки и на европскиот фонд. 

Кабинетите на францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел вчера излегоа со соопштение дека ќе им биде потребно повеќе време, откако стана јасно дека не можат да постигнат заеднички договор. Париз и Берлин сега најавуваат дека стратегијата за излез од кризата ќе се дискутира в недела, но за евентуален договор ќе се чека до среда за кога е закажана уште една средба на лидерите на Унијата.

Најавата за одржување на втор самит веројатно ќе ги засили стравувањата за способноста на еврозоната да изгради заедничка политика и да ја стабилизира заедничката валута. Неделниот самит веќе еднаш беше одложен за лидерите да добијат повеќе време за одлука.

„Парохијализмот и одолговлекувањето кои не’ доведоа во овој хаос продолжуваат“, оценува Сони Капур, директор на економскиот тинк-тенк „Ри дифајн“. „Освен доколку лидерите на Унијата не направат некое чудо, ова само ќе ја продлабочи и онака длабоката политичко-економска криза со која се соочува Европа“.

Symbolbild Eurobonds Merkel Sarkozy

Точки на разијдување

Клучната точка на разијдување меѓу Германија и Франција се однесува на Европскиот фонд за финансиска стабилност, кој беше проектиран како гарант за членките на еврозоната во случај на криза. Париз предлага фондот да прерасне во банка која ќе има пристап до неограничени кредити од Европската централна банка. Берлин се спротивставува на ваквото решение, со став дека тоа ќе ја загрози непристрасноста на фондот.

Но тоа не е единствената точка на несогласување.

Германија и неколку други богати држави бараат банките и другите приватни инвеститори да преземат поголеми загуби од грчкиот долг, пред еврозоната да го одобри вториот пакет финансиска помош за Атина.

Франција и Европската централна банка се спротивставуваат на овој предлог, стравувајќи дека тоа ќе го дестабилизира банкарскиот сектор и дополнително ќе ги вознемири пазарите.

Третата точка на несогласување е начинот на кој ќе се финансираат огромните капитални „инјекции“ за слабите банки. Франција и неколку други земји стравуваат дека спасувањето на нивните банки ќе им го намали кредитниот рејтинг и бараат парите да им се доставуваат директно ним, наместо да одат преку владите.

Obama Empfang Lee Myung-bak

Барак Обама

И Обама е загрижен

Загриженоста за иднината на еврозоната е присутна и надвор од европските граници. Американскиот претседател Барак Обама синоќа одржал видео-конференција со Меркел и со Саркози и по неа изрази надеж дека европските лидери ќе најдат решение до самитот на 20-те најразвиени земји во светот закажан за 3 и 4 ноември.

Шефот на втората по големина германска банка, Комерцбанк, Мартин Блесинг, пак, предлага банкрот на Грција за излез од кризата.

„На Грција не може да и’ се помогне и пазарите нема да се смират без вистинско реструктуирање на грчкиот долг и програма за реконструкција“, изјави Блесинг, кој прогнозира дека банките ќе се согласат да и’ отпишат дел од долгот на Атина, само доколку биде прогласен банкрот.

Автор: Борис Георгиевски/ЖА/афп/ројтерс

Редактор: Ж.Ацеска

DW.COM