1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Беззаконието царува во Египет

Продолжија протестите против режимот на Мубарак во Египет. Државата полека ја губи контролата врз состојбата, полицијата речиси целосно се повлече од Каиро, а редот го оддржуваат армијата и самоорганизирани граѓани.

default

Египетскиот претседател Хосни Мубарак, чие 30-годишно автократско владеење со земјата е на стаклени нозе, денеска на средба го собра воениот врв, барајќи начин за излез од драматичната криза. Извесно е дека Мубарак може да остане на власт само со целосна поддршка од моќната египетска армија, иако според некои аналитичари, неговата вчерашна одлука да го именува шефот на разузнавачката служба Омар Сулејман за нов потпретседател е вовед во можен трансфер на власта.

Денеска неколку илјади луѓе повторно протестираат во центарот на Каиро и бараат оставка од државниот врв. Одлуката на Мубарак да го смени целиот владин кабинет за опозицијата е беззначајна.

„Тој очигледно не ја разбра пораката од народот. Беше безмалку навреда за интелигенцијата на граѓаните да им каже дека ќе добијат нова влада. Луѓето многу добро знаат дека тој контролира се’ во оваа земја. Се надевам дека ќе ја сфати пораката пред работите да излезат од контрола“, изјави за СиЕнЕн, опозицискиот лидер Мoхамед Ел Барадеј.

Граѓаните се самоорганизираат заради заштита

Ägypten Kairo Proteste Hosni Mubarak

Останувањето на Хосни Мубарак на престолот сега зависи од армијата

Паралелно со протестите, во земјата царува беззаконие. Изминатата ноќ низ Каиро се регистрирани повеќе кражби и подметнување на пожари, откако полицијата без образложение се повлече од улиците на египетскиот главен град. Подметнат е пожар и во зградата на Даночната управа во Каиро, која се наоѓа во близина на Министерството за внатрешни работи на Египет и неколку други владини објекти.

Во некој делови на Каиро беа забележани воени патроли, но во поголемиот дел до египетскиот главен град нема припадници на безбедносните сили.

Забележани се случаи на самоорганизирање на жителите на повеќе градови во Египет во локални вооружени групи кои ги контролираат улиците како заштита од криминалите банди.

Египетските медиуми информираа дека во текот на минатата ноќ неколку илјади затвореници побегнале од четири затвори, по подметнувањато на пожари и неколкучасовните вооружени судири со затворските чувари. Според истите извори, во еден од затворите своите казни ги отслужувале осудени исламистички терористи.

Египетски медицински извори информираа дека за време на досегашните жестоки антивладини протести во Египет загинале најмалку 102 лица, а повредени се повеќе од две илјади. Според истите податоци, само во немирите во текот на вчерашниот ден животите ги загубиле 33 лица, од кои 22 во местото Бени Суеиф на околу 140 километри јужно од Каиро. Најкрвав ден во протестите беше петокот, кога загинаа 62 лица, од кои 35 во Каиро.

Западните земји ги евакуираат граѓаните

Ägypten Proteste Chaos

Египетските безбедносни сили досега не штедеа муниција во судирите со демонстрантите

Велика Британија, Германија и Франција во заедничка декларација повикаа на реформи во Египет, додека САД апелираа за смирување на состојбите.

„Нашиот апел до египетската влада е јасен. Воздржете се од сите форми на насилство. Правото на протест е основно човеково право. Германија е на страната на слободата на изразувањето и на страната на демократијатa“, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

Египетските власти соопштија дека ја одземале лиценцата за емитување програма на катарската сателитска телевизија „Ал Џазира“ и ги поништиле акредитациите на сите нејзини новинари. Претходно властите го блокираа и пристапот до интернет во земјата.

Американската амбасада во Каиро ги повика сите државјани на САД што поскоро да го напуштат Египет, најавувајќи дека од утре ќе започне со организирана евакуација на Американците од земјата. Турција веќе испрати авиони за евакуација на нејзините државјани. Загриженост за своите граѓани во Египет изрази и германската влада.

Автор: БГ/дв/ројтерс

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM