1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бездомниците се борат за гол живот

Живеат под ведро небо, спијат на клупи по паркови, во гаражи, под мостови, најчесто потекнуваат од семејства со нарушени општествени вредности, зависни се од алкохол или дрога - во Скопје има околу 200 бездомници.

default

Слободан е 38-годишен Скопјанец, иако изгледа дека има барем десетина повеќе. Низок, со куса, средена брада и ситни и продорни очи, кои го следат секој ваш чекор. Зборува јасно. Знае што го снашло во животот, но се чини сега знае и што сака од животот. Кога се сретнавме пред пунктот на Црвениот крст беше премрзнат, иако имаше плетени ракавици со искинати напрстоци. Облечен беше во топла облека: фармерки и блузон, дебели цокули, и широка јакна, која беше барем два броја поголема од потребната. Се‘ што носеше на себе добил од Црвениот крст.

Целта останува-враќање во нормала

Слободан е машински техничар, кој пред многу години останал без работа во фабриката „Раде Кончар“, иако,

Obdachlose in Düsseldorf

вели, во душата е музичар. Од пред две години е останат без дом. Со несреќен сплет на околности останал без домот на родителите и оттогаш живее по визби и напуштени продавници во трговскиот центар Скопјанка, а преку ден свири гитара пред трговскиот центар Соравија, во ГТЦ во Скопје. „Лете сум на клупи, но зиме е најтешко, бидејќи постојано е ладно“, вели Слободан, со кого судбината неколку пати се поиграла во последните 10-15 години, за сега полека да почне да се враќа во нормалата.

Сепак, тој со поголем оптимизам гледа на животот. Го достигнал дното и сега пополека повторно почнува да се искачува нагоре. „Животот си го направи своето, се најдов на улица, но се враќам. Кога ќе испуштиш еден воз, ќе се обидеш со вториот, па ако не успееш ќе го фатиш третиот. Сепак почнувам да функционирам како човек“, вели Слободан, кој од разговорот замина на „свирка“ пред Соравија. Треба да се јаде, вели.

Помош од Црвениот крст и црквата

Bosnien Rotes Kreuz in Sarajevo

Црвениот крст помага

Помошта за овие луѓе пристигнува од неколку страни. Најголемата помош стигнува од Црвениот крст на Скопје и црквата. Во првиот случај хуманитарците формираа пункт во Момин поток, во кој бездомниците двапати неделно добиваат можност да се искапат, исперат да ги променат алиштата, да добијат потстрижување, топол чај или кафе, храна и комплетна медицинска нега и психолошки совети. „Во просек дневно оттука минуваат по 30 бездомници, иако во последно време се зголемува нивниот број. Не‘ радува тоа што дел од нив успеваат да се социјализираат и се враќаат да ни изразат благодарност,“ вели Тодорка Јаневска, која е одговорна за овој проект со бездомниците.

Во малата, но средена барака во Момин поток доаѓаат и стари и млади луѓе. Ги има од сите националности, без исклучок. Има дури и семејства, но и деца.

Кафез на тажни судбини

Често дел од нив знаат да направат и проблеми.„Тоа се луѓе препуштени сами на себе и нормално е што имаме

Polnische Obdachlose in Berlin

проблеми во воведувањето на редот, сепак успеваме да излезам на крај со нив, затоа што знаеме дека се тоа луѓе на кои животот им удрил шлаканица“, вели Марче Коцевска, една од домаќинките во пунктот, која, како што вели, и самата воопшто не била милувана од животот. Според неа, пунктот е „кафезот на тажни судбини“.

Бездомниците, што е и нормално, затоа што се постојано надвор и при најниски или екстремно високи температури, најчесто заболуваат од настинки, инфекции, грип, но и реума, иако лекарката Маја Цветкова вели дека има и лица со посериозни проблеми, како кардиоваскуларни заболувања, за кои кај двајца пациенти имало и организирање операции во центарот Филип Втори, но и епилепсија. „Алкохолизмот е доста чест и тогаш е тешко да се работи. Во такви ситуации помагаат и психолозите и со третмани успеваме некако да излеземе на крај “, вели докторката Цветкова.

Храна за бездомниците

Armut in Deutschland Suppenküche

Храна за бездомниците

Во црквата „Света Петка“, пак, во скопската населба Црниче, како и во црквата „Свети Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров, секојдневно, од понеделник до петок, неколку вредни жени приготвуваат храна за бездомниците или луѓето кои не можат да си обезбедат храна. Организирани се од хуманитарната организација „Ѓаконија“, што ја формира владиката Агатангел. Во една сала на „Света Петка“ околу 50 до 70 лица, претежно повозрасни, секој работен ден, па и на празници, добиваат готвено јадење, салата и овошје. Некои доаѓаат и со тенџерчиња, за своите дома. Најчесто станува збор за социјални случаи или заборавени или оставени старци, за кои нема кој да се грижи, иако има и неколку семејства, маж, жена и децата, кои секој ден доаѓаат во црквата за да обезбедат барем еден оброк. Средствата за храната на „Ѓаконија“ се обезбедуваат од донации на црквата, од прилози на верниците или од пакети на Црвениот крст.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска