1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Безвизен режим за Турција во замена за договор за реадмисија

Илегалните мигранти кои преку Турција влегуваат во ЕУ во иднина ќе можат да бидат враќани во таа земја. Во замена за оваа отстапка, Турците ќе добијат безвизен режим со земјите од Унијата

Денеска ќе биде потпишан договорот за реадмисија меѓу ЕУ и Турција. Илегалните мигранти кои ја користат Турција како транзитна земја за влез во ЕУ, потоа ќе можат да бидат вратени во Турција. Во замена за реадмисијата, Турција ќе добие безвизен режим од ЕУ. Тоа е добитна ситуација за двете страни, затоа што и Анкара и Брисел го добиваат она што веќе подолго време го посакуваат. Има и губитници. Тоа се илјадниците бегалци од Сирија, Авганистан и други кризни жаришта, кои во ЕУ бараат спас од војните, болестите и сиромаштијата.

Турција е единствената земја- кандидат за членство во ЕУ за која досега важеше визниот режим. Со години наназад Турците го критикуваа ваквиот пристап на ЕУ. Обврската да ги прими назад бегалците е „цената“ која Турција ја плаќа за визната либерализација. Во преговорите Турција инсистираше двата договори да бидат потпишани и да почнат да важат во истовреме. Според турскиот министер за европски интеграции Егемен Багис, договорите треба да се реализираат во следните три години. Притоа Турција треба да добие средства од ЕУ со кои ќе обезбеди модерна технологија за контрола на границите.

Нов товар за Турција?

Во турското општество владее стравување дека со прифаќањето на илегалните имигранти земјата може да добие едно големо бреме. Но експертите ги отфрлаат ваквите стравови. Ахмет Ичдујгу од Коч Универзитетот во Истанбул вели дека до пред 10 години во земјата доаѓале по околу 90 илјади илегални мигранти годишно, додека во последните години бројката паднала на 40 илјади. „Договорот нема да предизвика дополнителен товар за Турција“, вели Ичдујгу.

Ендрју Гарднер од претставништвото на Амнести Интернешнл во Истанбул е загрижен за судбината на мигрантите. „Прашањето е каде во иднина овие луѓе ќе бараат азил? Дали ќе треба да бараат азил во Турција или ќе бидат враќани

Syrien Flüchtlinge Grenze Türkei 01.09.2013

Сириски бегалци на границата со Турција

во нивните матични земји?“ Во иднина, сѐ повеќе бегалци од ЕУ ќе бидат враќани во Турција, а оттаму потоа, со голема веројатност, назад во матичните држави, смета Гарднер.

Одговорноста на ЕУ

Во принцип, бегалците од Сирија не треба да се погодени од новите правила, затоа што се заштитени со меѓународни договори како бегалци од војна, иако има случаи и на принудно враќање, тврди Гарднер. Токму за оваа меѓународна заштита говори и професорот по уставно право на Билги Универзитетот во Истанбул, Лами Бертан Токузлу. „Во Женевската конвенција и другите механизми за заштита на човековите права јасно се наведува дека луѓето имаат право на избор каде сакаат да бидат згрижени“. Токму ЕУ игра важна улога како целна држава за многу бегалци. Затоа и земјите од ЕУ имаат поголема одговорност, затоа што поради нивната благосостојба и капацитетите можат да им пружат подобра помош на бегалците, вели Токузлу.