1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Безбедноста на стадионите ја подели Бундеслигата

Предлогот за безбедност на стадионите во германската Бундеслига предизвика многу контроверзи. Здружението на навивачи и управите на голем број од клубовите го отфрлаат планот кој за нив се чини нереален и противзаконски.

На овој предлог, досега се спротивставија клубовите Сенкт Паули, Фортуна Диселдорф, Кајзерслаутерн, Волфсбург како и многу други. Кон нив се приклучи и здружението „ПроФанс”, кое е сојуз на фудбалските фанови на државно ниво. Комисијата за сигурност на Бундеслигата го изработила овој документ како реакција на насилството на терените и палењето на пиротехника на германските стадиони. Главната цел е усвојување на овој документ на средината на месец декември на пленарната заедница на сите 36 германски професионални клубови. Од таа причина, комисијата веќе испратила увид до сите клубови и ги замолила да го искажат своето мислење- кое кај повеќето било негативно.

Детална телесна контрола

Комисијата во документот наведува обврзувачки кодекс на однесување за навивачите. Од нив се бара да престанат со насилството на терените, да се откажат од сите пиротехнички материјали и да го почитуваат редот. На овие барања, во суштина, ниту еден клуб не би можел да се спротивстави. Но, со потпишување на кодексот, во случај на инцидент, клубовите ќе мораат да играат без публика, да го ограничат бројот на картите за навивачите и гостите, да ги почитуваат стадионските забрани и во краен случај да пристапат на намалување на предвидените места за стоење.

Покрај наведеното, германската фубалска лига предложува и зголемување на видео надзорот на навивачите во блоковите. Дополнително се зборува и за таканаречените телесни контролори кои ќе бидат во зоната за влез. Тоа би можело да значи дека навивачите пред влезот на стадионот, во предвидена просторија, ќе мораат делумно па и потполно да се соблечат, за да им биде извршена контрола на телото, дали поседуваат скриени петарди и други недозволени предмети. Навивачите и клубовите сметаат дека овој предлог речиси е неизводлив, а со него се кршат и принципите на правната држава. Тие не гледаат причина да бидат санкционирани ако не сакаат да пристапат кон потпишување на овој кодекс.

Dortmund Schalke Fankrawalle Derby Ausschreitungen 20.10.2012

Судири меѓу навивачите на Борусија (Д) и Шалке

Единство на клубовите и навивачите

Голем број од клубовите го одбиваат предложениот концепт. Не се задоволни што во изготвениот документ не е вклучено мислењето на навивачите. „Овој концепт за нас нема смисла, се’ додека не се земат во предвид ставовите на фановите”, вели претседателот на ФК Штутгарт, Герд Маузер.Тој бара дополнителна комисија во која претставниците на навивачите би изработиле свој документ.

„Така, на крајот би се земале двата документа, оној од германската Бундеслига и оној на фановите и би се создал нов нацрт кој би бил заеднички и со кои би биле задоволни двете страни”, вели Маузер.

Здружението „ПроФанс” смета дека во моментов нема потреба од никаков документ, кој е само формалност. Според нив проблемот со зголемувањето на насилството не постои во германскиот фудбал, туку напротив, во последните години намалена е тенденцијата за насилство на стадионите.

Fußball Sicherheitskontrollen Einlass Stadion

Контроли пред стадионите

Меѓутоа, политичарите и полицијата тоа го гледаат поинаку. По инцидентот од минатата година на првенствениот натпревар меѓу Борусија Дортмунд и Динамо Дрезден, безбедносната состојба на терените во германскиот фудбал стана политичка тема. На натпреварот навивачите на Динамо Дрезден континуирано фрлаа петарди и предмети на теренот, по што дуелот кој се пренесуваше директно на телевизија, беше прекинат два пати. Пред стадионот, летале шишиња и петарди, а биле повредени најмалку 15 лица.

Тркалезна маса без навивачи

Во ноември 2011. година, за првпат се сретнаа министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих, кој покрај безбедноста е задолжен и за спортот, со претставници на германската фудбалска федерација, политичарите и полицијата. Единствено немаше претставник од навивачите, што беше забележано како голем минус. Спортските работници, новинарите и експертите за навивачката култура во отворено писмо објаснија дека на тркалезната маса недостастуваат претставници од навивачите. Но безуспешно. По неколку седмици, до клубовите бил испратен нацрт документот „Безбедноста на стадионите “.

По испратените критики, потребно е нацртот да биде преправен. Меѓутоа, Комисијата е под влијание на политиката, која бара резултати, па шансите за корекција се премали. Како последица, на крајот, можно е да зголемат безбедносните мерки и документот да стапи во функција, без согласност на германската фудбалска лига, клубовите и навивачите, а тоа е најнепожелното сценарио.