1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Безбедноста на Балканот е решавачка за безбедноста на Европа

Подобрена безбедносна ситуација во Македонија гарантира поголем економски успех и обратно. Во интервју Јирген Шторбек од министерството за внатрешни работи на Бранденбург и со години на чело на Европол.

default

Јирген Шторбек, раководител на одделот за безбедност и полиција во Бранденбург.

ДВ: Вие штотуку се вративте од Македонија каде учествувавте на германско – македонската конференцијата на која се разменија идеи за тоа како безбедноста да го потикне економскиот развој и обратно. Што беше тема на конференцијата?

Јирген Шторбек: Веќе годинаипол покраината Бранденбург ја подржува Македонија, и е нејзин близок парнер во рамките на проектите на Европската унија за изградба на безбедносни и административни структури во Македонија. Идејата е преку зацврстување на безбедноста да се подобри економската ситуација како и правниот систем.

За Германците Македонија сеуште не е земја која гарантира безбедност така што понекогаш од тие причини тие не патуваат во таа земја. По вашето враќање од конференцијата во Македонија што Вие мислите за безбедноста во земјата? Дали ги утврдивте критериумите според кои една земја е безбедна или не?

Цел на конференцијата не беше поставување на критериуми и стандарди, туку констатира моменталната ситуација. Бранденбург во име на Германија веќе една година им помага на македонските власти да подготват нови закони пред се’ во врска со полицијата и да се изградат нови структури. Ние во Бранденбург веруваме дека Македонија се наоѓа на добар пат да ја подобри безбедносната ситуација и од држава која и припаѓаше на комунистичка Југославија бргу да се претвори во демократска земја. Владата прави големи напори и е на добар пат. Затоа очекуваме дека оценките на Европската комисија односно ЕУ за Македонија ќе бидат се‘ подобри. Во Македонија минатата година постојано имавме 30 службеници од Бранденбург но и од други европски држави. До крајот на октомври се спореведува уште еден проект со дополнителни 10 советници. Забележуваме дека разликата е голема, постигнатиот напредок е голем и ние сме оптимисти.

Кога законите ќе стапат во сила? Со оглед на мултиетничката структура на населението дали полициските сили функционираат, има ли соработка меѓу различните националности?

Македонија е самостојна држава, а тоа значи дека Европската унија односно СР Германија и Бранденбург можат само да даваат подршка. Законот за полицијата е донесен минатата година, но ќе стапи во сила кога ќе се изгласаат дополнителни закони. Треба да се има предвид дека сите закони што се однесуваат на безбедноста треба да се издигнат на модерно, демократско ниво. Македонија ги подготвува законите според пример на Франција, Велика Британија, Скандинавија и Германија. Значи за легислативата тоа е голем напор. Вториот чекор е спроведување на законите во што помага Бранденбург односно Германија. Потебни се нови структури во полицијата при што големо внимание се посветува на мултиетничката структура во Македонија. Треба да постои фер компромис соодветно на одлуките од Охридскиот договор. Ние помагаме, но важно ми е да истакнам дека македонската влада составена од Македонци и Албанци, исто како што е и во парламентот, воспостави односно на рамнотежа. Тоа ветува дека и во иднина ќе има мир меѓу различните националности, зашто во Макеоднија не живеат само Македонци и Албанци туку има и голем број други народности. Ние се надеваме дека Македонија ќе стане Швајцарија на Балканот каде различни народности со различни јазици ќе можат да живеат во мирна средина и во мир и безбедност ќе можат да обезбедат економска благосостојба.

Рековте дека на конференцијата од македонска страна учествувале високи претставници на владата. Помина една година откако оваа влада е на власт. Во владата има многу млади луѓе кои немаат големо искуство но имаат голем ентузијазам. Како Вие гледата на работата на оваа влада во Македонија?

За мене е тешко сам да дадам оценка. Затоа сум упатен на проценките на ЕУ. Во согласност со мојот министер Шенбум и со државниот секретар Рон, можам да констатирам дека навистина станува збор за млада влада, но за влада во која има луѓе не само со национално туку и со меѓународно искуство. Станува збор за влада која е многу ангажирана.

Велите дека доколку ситуацијата е безбедна ќе има и поголеми економски успеси. Што мислите, можат ли да се очекуваат поголеми странски инвестиции во Македонија. Дали на конференцијата стануваше збор и за тоа?

Во изминативе години во Македонија немаше доволно странски инвестиции. Вака погледнато државата се наоѓа на релативно ниско ниво што се однесува до инвестициите. Но првите бројки за 2007, во што се рефлектираат и првите ефекти од политичките мерки во 2006 и 2007, покажуваат пораст на инвестициите. Конференцијата за нас беше важна од аспект на взаемната поврзаност меѓу безбедноста и економијата, односно безбедноста и инвестициите. Да појаснам: Странски инвеститори но и Македонци кои живеат во странство, независно од тоа дали се по националност Македонци или Албанци, ќе инвестираат во Македонија само ако постои правна безбедност, безбедност од криминал и од разурнување. Ситуацијата меѓутоа може да биде безбедна само ако се подобрат економските прилики за граѓаните.Тоа значи дека невработеноста треба да се намали. Ако е човек гладен тогаш е повеќе подложен на криминал. Затоа и за безбедноста е важно да се подобри економската ситуација. Едното е значи поврзано со другото и на конференцијата тоа јасно го дефиниравме и разработивме идеи како да и се помогне на Македонија. Но исто така и ние можеме да учиме од Македонија од една млада држава која динамично се развива зашто и Германија, а посебно Бранденбург се заинтересирани да учи од земјите во развој. Младите држави посебно покажуваат голема флексибилност, на примерот на Словенија ни покажува за колку кратко време државата стана успешен модел и дека старите европски држави можат да учат од неа.

Во соседство на Македонија е Косово со својот нерешен статус. Дали во ваква ситуација, иако секако постојат големи желби и многу се работи на тоа да се постигне успех и да се реши статусот на Ксовоо, може да се говори за безбедна ситуација во Македонија?

Може и мора да се постигне безбедна ситуација. Безбедноста на Балкнот е решавачка за безбедноста во Европа. Криминалистите во Европа често велат „Европа е заеднички географски простор за криминал“ а тоа значи дека ако ние не се погрижиме за безбедноста на Косово, во Македонија но и во Франција и Германија тогаш тоа би било на штета на целата Европска унија и би се претворило во проблем за сите европски граѓани. Според мое мислење, заслуга на Европската унија, односно на европските народи е што во последниве 15 години кога по распаѓањето на Југославија се создаваа независни држави, по ужасот од првото време е воспоставен мир, понекогаш нестабилен но сепак мир. Тоа не е во прв ред заслуга на военото присуство, туку пред се‘ на полициското. А најголема заслуга имаат јасните структури и економијата, која полека но сигурно е во подем.

Вие сега сте одговорен за јавната безбедност во гермаснката покраина Бранденбург, но долги години бевте многу активен во Европол. Според сознанијата нс Европол каде на Балканот и во Македонија се крие опасноста по безбедноста?

Македонија не е жариште на криминалитет или седиште од каде организираниот криминал би можел да ја загрози Европа. Но Македонија е транзитна земја низ која се кријумчарат стоки и илегални продукти, како дрога но и луѓе.Тоа се појави што ги среќаваме во цела Европа. Практично, секоја држава во Европа е транзитна земја за илегални стоки. Притоа е важно во меѓусебна соработка службите за безбедност да се погрижат да ги попречат илегалните движења. Министерите за надворешни и за внатрешни работи од Македонија недвосмислено се изјаснија за тоа, а посебно вице премиерот кој е одговорен за економска соработка. Македонија сака легална економија, економија која на организираниот криминал не му дава шанси. Земјата е заинтересирана за легална, а не за илегална трговија.

Дали за време на конференцијата го разгледавте и случајот Ел Масри?

За тој случај не разговаравме. Тоа се теми кои не се предмет на разговор, во прашање се поединечни случаи за кои јас неможам да заземам став.