1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Безбедноста е само фикција

Нападот врз полниот авион во САД за влакно беше избегнат. Младиот Нигериец и покрај најстрогите контроли успеа да внесе експлозив во авионот. Колку се ефикасни безбедносните мерки воопшто?

default

Безбедноста е фикција во која радо сакаме да веруваме, а која никогаш нема да ја има. Не постои перфектна заштита од терористите и самонаречените членови на Ал Каеда. Тоа повторно го покажа примерот со авионот на релација Амстердам-Детроит. 23-годишниот Нигериец, студент по машинство, со веројатно експлозивна, но во секој случај опасна мешавина, мирно се качи во авионот КЛМ во нигериски Лагос, што и не изненадува. Зашто, оној кој ги познава меѓународните аеродроми во Африка, знае дека тие се најлошо контролираните во светот. Европските и американските авионски компании знаат за овој факт и често на овие аеродроми испраќаат дополнително свој персонал, се‘ едно дали во Кенија, каде Ал Каеда во 1998 година ја крена во воздух американската амбасада, или во Нигерија, каде терористите наоѓаат се‘ повеќе приврзеници меѓу населението. Но, случајот со нигерискиот атентатор Абдул Муталаб покажува дека не секогаш помагаат и дополнителните мерки.

А тоа не е само во Африка, туку и во САД, па и во Европа. Фарук Муталаб во Амстердам мирно можеше да го смени авионот, од оној на холандската компанија КЛМ да се качи во авионот на Делта на релација кон Детроит. Никој не го запрел, никој не го контролирал детално. Очигледно, компјутерите на тајните и безбедносните служби не се добро поврзани и покрај апокалипсата од 11 септември 2001 година. Инаку, кај холандските службеници би требало да се запали сигнална предупредувачка сијалица. Имено, нигерискиот студент бил наводно регистриран од американските безбедносни служби и рангиран како потенцијално опасен за терористички чин, иако неговото име не стоело на познатата американска црна листа, на кои им се забранет лет со американските авиокомпании.

Сите детектори за метал на аеродромите малку користат против експлозивен прашок и течност

Муталаб е повторно случај кој покажува дека различните безбедносни структури во светот работат неповрзано. Затоа Нигериецот можеше да се најде во полн авион со околу 300 луѓе, а на своето тело имаше скриен опасен прашок и течност. Примерот покажува дека сите детални проверки на чевлите, чантите, компјутерите, сите детектори за метал на аеродромите малку користат против експлозивен прашок и течност. Во секој случај не, ако тие се носат директно на телото. Во таков случај не алармира ниеден детектор, зашто нема ништо метално.

Таква контрола на лицата би го парализирала меѓународниот авионски сообраќај. Но, наместо контрола на сите патници, би можело да се врши проверка на патниците чие потекло и профил се чинат потребни. Но, тоа бара политичка храброст, која недостасува како во САД, така и во Европа. Затоа, заштитата од терористички напади во и од воздух - останува фикција.

Автор на коментарот: Ралф Зина

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска