1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Безбедноста во Украина под големо прашање?

По вчерашната серија бомбашки напади во Дњепропетровск, шест недели пред почетокот на ЕП во фудбал се наметна прашањето за безбедноста. Проблем за западните политичари останува и случајот Тимошенко.

Украинскиот претседател Виктор Јанукович денеска (28.04) е во посета на Дњепропетровск, градот кој беше погоден од серијата експлозии во кои беа повредени најмалку 26 лица. Министерството за вонредни ситуации го ревидираше бројот на повредени од првичните 27 на 26 Министерството уште соопшти дека 22 лица и натаму се наоѓаат во болница, три од нив во сериозна состојба.

Претседателот на Украина Виктор Јанукович серијата бомбашки напади ги оцени како „уште еден предизвик пред неговата земја, на кои треба да се реагира соодветно“.

Нападите се случија само шест недели пред почетокот на Европското фудбалско првенство што Украина го организира заедно со Полска и коинцидираат со анти-терористичките вежби на главниот стадион во Киев.

УЕФА уверена дека Украина ќе организира безбедно првенство

Иако Дњепропетровск не е меѓу градовите- домаќини на Еуро 2012, тој е меѓу местата низ кои ќе помине шампионскиот пехар и тоа на 21 мај.

Началникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Василиј Фариник во меѓувреме истакна дека експлозиите во градот Дњепропетровск немаат политички туку чисто криминален карактер. Тој наведе дека експлозивните направи биле активирани преку телефон.

Европската фудбалска федерација УЕФА изрази увереност дека Украина ќе организира безбедно првенство и покрај вчерашните напади. Од друга страна Доналд Туск премиериот на земјата кодомаќин на шампионатот Полска изјави дека екслозиите во Дњепропетровск мора да се третираат со најголема сериозност.

Првиот човек на украинската фудбалска федерација Григори Суркис изјави дека експлозиите имале за цел да ја поткопаат способноста на Украина да го организира турнирот „Има доволно индиции дека целта е да се торпедира турнирот во Украина по секоја цена и да се компромитира нашата земја во очите на меѓународната заедница“, изјави Суркис.

Критики за односот кон Јулија Тимошенко

Timoschenko Ukraine

Јулија Тимошенко в затвор

Специјалната претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон изјави дека ЕУ е во блиски контакти со Украина и е подготвена да понуди помош.

Дњепропетровск е инаку роден град на поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко која се наоѓа в затвор и во моментов штрајкува со глад. Европските и пред се’ германските критичарти вршат голем притисок врз украинските власти поради третманот на украинските власти кон Тимошенко. Нејзиниот случај и вчерашниот експлозии поттикнаа некои од нив да повикаат на бојкот на натпреварите од ЕП што ќе се играат во Украина.

Претседателот на германската Социјалдемократска партија Зигмар Габриел таков повик упати до европските политичари. Тој смета дека состојбата во која се наоѓаат човековите права во Украина го доведуваат во опасност Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и оваа земја. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц пак истакна дека земјите кои со ЕУ потпишуваат таков договор мора да ги почитуваат европските вредности.