1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Безбедносната соработка меѓу Берлин и Анкара треба да се подобри

Турските, курдските и религиозно-радикалните терористички групи се закана како за Германија, така и за Турција. Па сепак, соработката меѓу безбедносните и судски органи на двете земји е незадоволителна.

Меѓу Германија и Турција нема разлики во оценката на заканите за јавната безбедност кои произлегуваат од терористички организации, се вели во германските безбедносни кругови. Двете држави имаа многу слични интереси на полето на одбраната од тероризмот, потенцираат безбедносни експерти и ги истакнуваат генерално добрите односи во безбедносниот сектор. Но дека се’ не се одвива совршено покажува и нивниот став дека е неопходно натамошно подобрување на соработката.

За германските безбедносни екперти е „неодржливо“ илегални организации со национална агенда, кои оперираат интернационално, своите битки против Турција да ги пренесуваат во Германија. „Странски криминални и терористички елементи се непожелни во Германија“, велат експертите. Меѓутоа, од друга страна, очигледно е дека постојат огромни разлики во сфаќањето на правната држава меѓу германските и турските судски власти, така што, на пример, протерувања или израчувања од Германија на барање од Турција можат многу ретко да се реализираат.

Ердоган ја обвинува Германија за попустливост

Türkei USA Explosion vor der US Botschaft in Ankara

Сцена по самоубиствениот напад врз американската амбасада во Анкара на 1 февруари годинава

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган по самоубиствениот напад врз американската амбасада во Анкара на 1 февруари годинава повторно ја обвини Германија за „попустливост во одбраната од тероризмот“. Во нападот извршен од страна на екстремната левичарска група „Револуционерен фронт за ослободување“ (ДХКП-Ц) загина еден чувар на амбасадата. Ердоган, укажувајќи на убиените три активистки на милитантната курдска организација ПКК во Париз на 10 јануари, продолжи со критиката за властите во Берлин, истакнувајќи дека една од жените била уапсена во Германија уште во 2007 година, но била ослободена и покрај барањето за израчување кое го доставила Турција.

Ваквите барања на турските власти најчесто се без успех поради недостатокот на докази за казнените дела за кои во Турција се сомничат лицата чие израчување се бара, велат германски безбедносни експерти. Образложенијата во барањата за екстрадиција од страна на германското судство се означуваат како „сиромашни“. Германските безбедносни органи не може на „повик од Анкара“ да израчуваат или да протеруваат луѓе од земјата, велат експертите. Тоа честопати не е можно само затоа што германските судови во Турција околу прашањето за почитување на човековите права често состојбата ја оценуваат како „незадоволителна“.

„Корените на проблемот се во Турција“

Членовите на ПКК, која во Германија и во Европа е означена како терористичка организација, како и 650 поддржувачи на досега пошироко малку познатата ДХКП-Ц се внимателни да не извршуваат казнени дела или пак акти на насилство во Европа. Укажувањата на турските безбедносни органи за трговија со дрога како и за други криминални извори на финансирање на борбата против Турција, содржински и формално се тешко разбирливи. Токму затоа е многу тешко да се постапува по основа на овие укажувања, се вели во германските безбедносни кругови.

Истовремено, се укажува и на тоа дека во рамките на ПКК има и различни струи. На една страна се т.н „соколи“, значи порадикалните и понасилните, а на другата „гулабите“, кои се мнозинство. Тие се подготвени политички да преговараат. Корените на проблемот се на истокот и на југоистокот на Турција. Овие региони, претежно населени со Курди, се „социјално и економски многу заостанати“, што го олеснува пристапувањето на многу млади луѓе без надеж за иднината кон ПКК или другите екстремистички организации, предупредуваат германските безбедносни експерти. Затоа и решението за проблемот треба да се бара пред се’ таму.

Türkei PKK

Борци на ПКК во Турција

Џихадисти наместо исламисти

За разлика од ПКК и ДХКП-Ц, чии цели на напади се на територијата на Турција, религиозно мотивираните радикали имаат „транснационална агенда“. За да се избегнат термините како „исламистички“, па дури и „исламски“ во категоризацијата на илегалните организации, германските безбедносни кругови сега говорат само за „џихадисти“. Овој назив треба да упатува на џихад, борба во име на Бога, иако исламските теолози спорат за тоа дали притоа недвосмислено се мисли на вооружена борба.

Овие џихадисти, според оценката на германските безбедносни кругови, не се воздржуваат од насилни акти на германска или на европска територија. Затоа од муслиманските организации во земјата и натаму се бара да преземат соодговорност во одбраната од тероризмот. Така во џамиите на легалните исламски организации и заедници не треба да им биде дозволен пристап на оние кои заговараат омраза и насилство, сметаат германските безбедносни експерти.