1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедносен протокол и за членовите на ДИК

Катерина Блажевска18 јануари 2016

Протоколот треба да оневозможи какви било манипулации при процесот на прочистување и ажурирање на Избирачкиот список, со правила и за членовите на ДИК.

https://p.dw.com/p/1HfAZ
Фотографија: Agentur MIA

За потребите на Државната изборна комисија (ДИК) домашни експерти во соработка со странски ИТ- консултанти треба да почнат подготовка на т.н. безбедносен протокол, кој ќе оневозможи какви било манипулации при процесот на прочистување и ажурирање на Избирачкиот список, а со правила и за членовите на ДИК.

Како што дознава ДВ од експертски извори, тоа би подразбирало компјутерска вмреженост исклучиво меѓу членовите на ДИК, односно систем на нивна интерна, затворена комуникција, без можност за комуникација и праќање податоци кон трети лица. Протоколот би предвидувал и забрана за внесување и користење USB - стикови, со цел да да се оневозможи преснимување на податоци од Избирачкиот список, кои потоа би можеле да се дистрибуираат до неовластени лица. За да се спречи компромитирање на целиот процес, се предвидува и поставување на безбедносни камери, кои ќе регистрираат какво било прекршување на безбедносниот протокол од страна на членовите на ДИК.

Од ДИК не сакаат да соопштат ништо повеќе од она што вчера во соопштение го образложи претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски: дека процесот на подготовката на вкрстените проверки на избирачкиот список е базиран исклучиво на ангажирање на ИТ консултанти со помош на меѓународни донатори (ИФЕС). Имплементацијата треба да ја вршат три независни ИТ компании кои ќе работат на иста проектна задача, со што треба да се избегне ризикот од субјективности, политички притисоци и можности од одолговлекување на процесот.

Mazedonien Besuch der Europaabgeordneten Kukan Vajgl und Howitt
Фотографија: MIA

Потребно е време

Што се однесува до најважното прашање - временските рокови, Чичаковски потенцираше дека проверката на Избирачкиот список до 24 април, може да биде само импровизација.

„Без темелна проверка на избирачкиот список, изборите на 24-ти април може технички да се спроведат, меѓутоа не може да се обезбеди проверка, прочистување и добивање на избирачки список во кој сите ќе имаме доверба. Во овој краток рок, проверката на Избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка ние нема да добиеме кредибилни избори“, соопшти Чичаковски.

Тој објасни дека сите три фази - вкрстените проверки, теренските проверки и постапките за вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, потребно е да се спроведат од денот на усвојувањето на двете методологии, до денот на објавување на Избирачкиот список на јавен увид. Тие проверки во никој случај не може да се спроведуваат и за време на јавниот увид, затоа што на јавен увид се става прочистен избирачки список, а и се пробиваат други законски рокови кои веќе течат во изборниот период. Според проценки на релевантни организации, за овие постапки ќе бидат потребни околу 3 до 4 месеци, за да може да се добие доверба во Избирачкиот список.

Личен став на Чичаковски?

Сашо Срцев, член на ДИК на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, вчера обвини дека Чичаковски излегол со личен став, претставувајќи го како став на целата ДИК.

„Одговорно тврдам дека Комисијата ниту раправала, ниту донела заклучок каков што презентираше Чичаковски. Комисијата има извонредна соработка со сите институции во државата и сметаме, и мој личен став е дека имаме капацитет и можности за да ги спроведеме предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година, како што стои и во изборниот законик“, рече Срцев.

Но, законските рокови и моменталната кадровска и техничка опременост на ДИК, не даваат аргументи дека тој процес може успешно да заврши до 24 април.

„Законодавецот предвидел дека за оваа операција се потребни 85 дена или скоро три месеци. Во овој момент методологиите се уште не се усвоени, а до 5 март остануваат 48 дена, што значи дека ние уште сега сме во задоцнување од 37 дена“, оцени Чичаковски.

Но, тоа не е едниствениот проблем. Политичките партии сè уште не ги одобриле двете методологии за проверка и прочистување на Избирачкиот список. ДИК нема соодветен кадар иако доби зголемени надлежности. Нема доволно влезни информации од релевантни институции за структурата и чистотата на базите на податоци. Постојат и слабости во соработка со државни органи за обезбедување процедура за пристап до базите за податоци, иако според закон, треба да ги добијат во рок од пет дена. ДИК сè уште нема акти за заштита на лични податоци, кои треба да се одобрат од надлежната Дирекција. Нема оперативни планови за теренски анализи, а ако се јават голем број на спорни случаи, според Чичаковски, проверката може да се претвори во мини попис, за што е потребно да се ангажираат поголем број на човечки, финансиски и технички ресурси. Сега ДИК има 20 подрачни одделенија, со 35 вработени, кои не можат да спроведат широка операција на теренски проверки.
Не се потребни избори заради избори

Медијаторот во преговорите, Питер Ванхауте, вчера изјави дека прочистен Избирачки список е основа за кредибилни избори.

„Технички избори може да се организираат во било кое време, тоа е позицијата на комесарот Хан. Она што парламентот треба да го има предвид, е кредибилноста на овие избори. А за да се има навистина кредибилни избори, а не само избори заради избори, потребно е да се има добро пречистен избирачки список. Тоа е од основна важност. Дајте прво да се прочисти избирачкиот список, а потоа да има избори“, порача Ванхауте.

Mazedonien Peter Van Houte
Фотографија: MIA

И додека флуктуираат различни аргументации за потребните процедури околу Избирачкиот список, и натаму останува незивесноста - што понатаму: ќе преговараат ли партиите за нов датум за избори или ќе се инсистира на договорениот, без оглед што роковите за него веќе се пробиени. На ова прашање од канцеларијата на Хан вчера го дадоа следниот одговор: „Бидејќи не сите политички лидери претходно потврдија датум за одржување на изборите, комесарот даде јасно до знаење дека сега е веќе нивна одговорност да постигнат согласност и да излезат со нов датум за избори“.

Во партиите очекуваат разговорите на оваа тема од денеска да продолжат преку поединечни средби со гарантите на договорот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема