1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Беер: „Одлуката за името може да ја донесат само самите Македонци“

Интервју со Ангелика Беер, пратеник на Зелените во Европскиот парламент, за состојбите во Македонија, спорот со името и признавањето на Косово. Интервјуто го водеше Нада Штајнман.

default

Ангелика Беер

Г-ѓо Беер, по подолго време повторно бевте неколку дена во Македонија. Како ја доживеавте земјата, има ли подобрување или ситуацијата е влошена во споредба со порано?

Беер: „Постои извесна воздржаност со оглед на уназадувањето што го доживеа Македонија по НАТО-самитот во Букурешт, кога Грците со вето го спречија членството на земјата во Алијансата. Оттогаш спорот продолжува, но и се заострува. Се забележува дека луѓето се надеваат на скорешна одлука, затоа што на сите им е јасно колку е важно да се добие датум за почнување преговори за членство во ЕУ и НАТО.“

Го спомнавте спорот со името, што многумина на запад го сметаат за балкански циркус, иако зад тоа се крие важна работа - стабилноста во регионот. Дали владите на европските држави се доволно свесни за својата одговорност за регионот?

Беер: „Западните влади се свесни за тоа, но сакале или не, Грција има право на вето. Поголемиот број Европејци вртат со главите во знак на тоа дека не ја сфаќаат политиката на Грција, но ние не можеме да ја натераме Грција да го смени своето однесување по ова прашање. Затоа, по објавувањето на новиот предлог од страна на Нимиц, треба да се види дали врз таа основа може да се донесе некаква одлука. Но, во секој случај, мислам дека е позитивно, како за Македонија така и за целиот регион, што заедно со Црна Гора го признаа Косово како независна држава. Македонија во соработка со Косово го спроведе одбележувањето на границата и во истовреме ги призна пасошите, така што е направен важен чекор. Останува уште да се пресече јазолот околу спорот со името. “

Во Македонија се сретнавте со претставници на поважните партии и со нив, секако, разговаравте и за името. Во меѓувреме, Македонија сигнализира дека нема простор за маневрирање се‘ додека Грција блокира. Какви се ставовите на партиите и дали постојат големи разлики меѓу нив по ова прашање ?

Беер: „Разговарав со претставници на сите партии и ми беше пренесено дека дебатата за името сега ќе се води во парламентот. Според мое мислење, тоа е исправно, бидејќи дебатата треба да се води таму каде што и‘ е место, во соодветните гремиуми. Исто така, треба да се води и јавна расправа околу ова прашање. За жал, во целата дебата не е од полза тоа што двајцата претседатели, на државата и на владата, не можеа да најдат заеднички став по ова прашање. Тоа ја ослабнува преговарачката позицијата на Македонија на меѓународен план. Но, сега е даден предлог, според кој Македонија може интерно, како и при склучување договори со други држави, да се нарекува „Република Македонија“, а официјално „Република Северна Македонија“. Ми се чини дека одлуката за ова прашање може да ја донесат само самите Македонци. Тука не е од голема помош некаков националистички популизам, ниту пак се работи за тоа дека се доведуваат во прашање Македонците како нација. Решавачкиот момент овде е дали жителите на Македонија, независно од тоа дали се Албанци, Роми или Македонци, ќе кажат „да“ - сакаме членство во НАТО, „да“ - сакаме датум за преговори со ЕУ, и соодветно на тоа сами ќе донесат одлука, дали да го прифатат предлогот на Нимиц или не. Никој однадвор неможе да им помогне.“

Ги спомнавте недоразбирањата меѓу претседателот и премиерот на Македонија. Дали за време на вашиот престој во државата сфативте зошто обајцата спорат, пред се‘ ако се има предвид деликатната ситуација во која се наоѓа Македонија?

Беер: „Таква проценка не сакам и не можам да направам. За мене игра улога фактот што секаков спор го кочи напредокот. А, ако се навратиме на последната предизборна кампања на сегашнава влада, можам да кажам дека е бесмислено спорот околу името да се води толку националистички и дека другите политички теми, важни за Македонците, не играат никаква улога. Тоа е стратегија која не води никаде. Затоа, би било добро ако дебатата не се води само во парламент, туку и на други нивоа во Македонија. Во секој случај, сега е време за откажување од секакви националистички тонови во сите редови и да се каже: се работи за иднината на Македонија и за членство во меѓународните институции. Луѓето во Македонија треба да одлучат дали ќе го прифатат последниот предлог на Нимиц или не. Но, погрешно е, од чисти националистички побуди, да се одбие предлогот, зашто тоа и‘ штети на сопствена држава и сопствениот народ.“

Ако го разгледаме предлогот на Нимиц, кој за меѓународна комуникација предлага име „Северна Македонија“, а за интерна употреба „Република Македонија“ - мислите ли дека е тоа прифатлив предлог и дали Македонците би можеле да живеат со тоа?

Беер: „Кога го слушнав предлогот на Нимиц, вртев со главата и не можев да сфатам. Мислев - ова е чиста бирократија, ова е невозможно. Ако предлогот гласи Македонија официјално да се нарекува „Северна Македонија“, тоа како во случајот на Кипар, имплицира, дека постои и друг дел и дека двата дела некогаш ќе мора да се обединат. Значи, политички погледнато, предлогот покажува апсолутна несензибилност. Но, тој е веќе на маса и со оглед на тоа што Нимиц вели дека државата ќе може под името Република Македонија да склучува меѓународни зделки, можеби предлогот може да се третира како компромисно решение. Тоа, меѓутоа, треба да се реши во Македонија, во парламентот или во владата или пак со референдум. Но, тоа покажува дека Обединетите Нации понекогаш даваат предлози што се несфатливи од политички аспект.“

Во Македонија, упативте апел до партиите поинтензивно да соработуваат во изнаоѓањето решение за спорот со името. Дали добивте позитивни сигнали во тој правец?

Беер: „Како позитивен сигнал може да се оцени фактот што за прв пат, сите се изјаснија за тоа - дебатата по ова прашање да се води во парламентот. Тоа ми се допаѓа, затоа што ова досега не беше пракса, а на тој начин се отвора и јавна расправа. Целта на таквата дебата би требало да биде изнаоѓање решение. Постои можноста да се прифати компромисно решение или пак да се одлучува на референдум, така што граѓаните на Македонија ќе одлучат кое име е прифатливо за нив. Притоа, најважно е да се скрши блокадата во спорот со името, така што би можеле, идната година на пролет, да ја поздравиме Македонија како нова членка на НАТО.“

Македонија ја понесе одговорноста кон сопственото албанско население и го призна Косово. Меѓутоа, Србија е огорчена. Дали тоа ќе се одрази на стабилноста во регионот?

Беер: „Признавањето на Косово од страна на Македонија и Црна Гора е позитивен чекор, затоа што иницијативата на Србија во Обединетите Нации, случајот Косово да се преиспита пред Меѓународниот трибунал на правдата, не менува ништо во фактот дека Косово е независно. Во врска со независноста на една држава одлучуваат други влади, а не ОН или судот во Хаг. Вака погледнато, овој чекор е консеквентен. Познато ми е дека во последно време Србија изврши голем притисок врз Македонија и и’ се закануваше со економски мерки. Но, Белград треба да сфати дека одамна го загуби Косово и дека политиката на Македонија, преку признавањето на границата и нејзината демаркација, покажува дека и Белград ќе мора да преземе нешто. Порано или подоцна, Белград ќе мора да го признае Косово како самостојна држава. Во тој случај, би се отворила европска перспектива за целиот регион. “

Што значи признавањето на Косово за Албанците во Македонија? Во тој контекст, како ги оценувате меѓуетничките односи во Македонија, дали има напредок? Беер: „Од моја перспектива е позитивно што Албанците во Македонија застанаа зад оваа одлука, без притоа да се води дискусија околу Голема Албанија. Тоа е завршена работа, а впрочем таква идеја не би имала никакви шанси да биде спроведена. Македонија на овој план е многу понапредна од другите во регионот и има јасен заеднички став за Косово. Тоа претставува добар знак за сите.“

Економската ситуација во Македонија не е розова. Се шири сиромаштија. Во споредба со ситуацијата од пред 17 години не е постигнат голем напредок. Зошто?

Беер: „Македонија напредуваше и тоа се гледа. Јас редовно ја посетувам земјата и можам да го видам тоа. Но, сега е важно економскиот систем во земјата да создаде предуслови за прилив на европски пари. Се работи за средства кои се одобрени од Брисел, но не можеа да бидат потрошени поради непостоење на соодветни структури во министерствата и во службите. Таквите дефицити би требало да се отстранат што е можно поскоро. Втората работа е да се донесе одлука како да се третира спорот со името. Тоа се важни критериуми што треба да се исполнат. Би сакала уште еднаш да потенцирам дека парите од Европа за поддршка на Македонија стојат на располагање, но ако не се направи ништо тие да се искористат, тогаш луѓето ќе ја платат цената на сиромаштијата што се‘ повеќе се шири. Таквиот негативен развој би требало што поскоро да биде стопиран. “