1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бегалците во Берлин го прекинаа штрајкот со глад

Околу 30 луѓе десет дена се обидуваа со штрајк со глад да издејствуваат оодбрување на нивните барања за азил во Германија. Сега штрајкот е прекинат, но барањата остануваат.

„Бегалците прекинуваат со штрајкот со глад до средината на јануари“, изјави сенаторката за интеграција на Берлин, Дилек Колат. Таа претходно водеше преговори со бегалците кои одбиваа да јадат, а неколку дена и да пијат вода. Сепак, штрајкувачите не се откажуваат од своите политички барања.

Радиото Берлин-Бранденбург извести дека бегалците од Етиопија, Конго и Иран, по расчистувањето на нивниот протестен камп во центарот на Берлин, сега треба да бидат сместени во црковна институција во берлинската населба Кројцберг. Бегалците, кои пред 10 дена во Берлин допатуваа од покраината Баварија, протестираа барајќи право на азил, дозвола за работа, а демонстрираа и против начинот на кој се сместувани и обврската да не смеат да го напуштаат округот во којшто се регистрирани како бегалци.

Сојузното министерство за внатрешни работи одби да се согласи со исклучок на правилата. Оној што во Германија бара азил и заштита како бегалец, нему му се пружа заштита, изјави портпарол на министерството за весникот „Тагесшпигел“. Дали некому навистина му е неопходна таква заштита согласно меѓународните правила, се проверува во „постапка за азил, а не на улица“, нагласи портпаролот.

Во Росток во текот на вчерашниот ден (19.10) околу илјада луѓе излегоа на улица да протестираат во знак на солидарност со бегалците на улица. Тие бараа, меѓу другото, култура на добредојде во Германија и вистинско право на азил. Демонстрациите ги организираа општествени групи и организации, меѓу кои Антифа Росток и „Stop it“. Организаторите критикуваа дека во земјата се‘ повеќе има случаи на поттикнување расизам. Тука, меѓу другото, се набројуваат забраните за пристап до детските игралишта за децата на бегалците, граѓански иницијативи и нацистичка пропаганда против прием на бегалци, напади врз објектите каде што се сместени бегалците, како и изолација и насилство против бегалците во јавност.