1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Беате Чепе ја користи судницата како актерска бина

Веднаш по почетокот, процесот против НСУ е прекинат. По двете жалби од адвокатите на одбраната, судењето е одложено до следната недела. Дотогаш судницата делуваше како голема бина.

Утрото во Минхен е мирно. Во 4 и 30 часот утрото полека се полнат двете колони за влез во судската палата, првата е за новинари, втората е за граѓани. Еден човек е дојден таму многу порано. Минхенскиот сликар Хелмут С. чека пред портите уште од неделата попладне.

„Нема да дозволам тука да влезе ниту еден неонацист. Побрзо ќе умрам“, вели баварскиот антифашист.

Веќе до 7 часот утрото, со пристигнувањето на телевизиските екипи, храбриот сликар е вистинска тв-ѕвезда. Сите се заинтересирани да поразговараат со човекот кој застанал во ред за влез уште од претходниот ден. Неколку часа подоцна, кога во судницата е доведена првообвинетата Беате Чепе, Хелмут С. е веќе седнат во салата и го студира секое нејзино движење. Обвинетата терористка делува опуштено, се смее и се шегува со луѓето околу неа, им упатува потсмешливи погледи и на семејствата на жртвите, околу 80-ина луѓе кои седат во посебен дел од галеријата.

Необична лежерност

Беате Чепе и нејзините двајца, сега веќе починати, најблиски соработници се обвинети за убиство на 10 луѓе, но нејзиниот однос во судницата е толку лежерен, самозадоволен и самоуверен, човек може да помисли дека таа не е во судница туку на актерска бина. Доколку Хелмут С. успеа да стане тв-ѕвезда по 15 часови чекање пред судницата, тогаш што да се каже за Чепе која веќе 20 месеци е прва вест на сите вести. Таа го знае тоа и игра токму на таа карта.

Десетиците фоторепортери имаат проблем да направат фотографија од неа, затоа што Чепе уште од влегувањето во салата намерно им го врти грбот. Дури по влегувањето на судијата, таа се врти кон нив, но тогаш нејзините тројца адвокати прават жив ѕид околу неа. Речиси 30 униформирани полицајци мораа да влезат во судницата за да ги отстранат фоторепортерите кои на секој начин се обидуваат да го сликаат профилот на првообвинетата.

На обвинителната клупа во судницата се наоѓаат и функционерот на неонацистичката НДП, 38-годишниот Ралф Волебен, Карстен С., Холгер Г. и Андре Е. Тие се обвинети дека на различни начини го помагале функционирањето на терористичката келија на НСУ.

Но овие четворица делуваат како статисти во однос на Беате Чепе, која е главната „ѕвезда“ во процесот кој започна во понеделникот.

По само неколку часа, судијата го одложи продолжението на процесот за следната недела. По серијата процедурални забелешки од адвокатите на одбраната, судијата Манфред Гецл одлучи дека му е потребно дополнително време да ги разгледа забелешките. Одбраната меѓудругото се жали и на самото именување на претседавачкиот судија, оценувајќи дека тој е пристрасен во однос на обвинителството.